Хипер: Посетата на Сијарто на Минск не испраќа добар сигнал

Потребно ни е единство кога станува збор за актери како што е Русија и Белорусија, кои спроведуваат хибридни закани и напади врз Украина и нашето соседство, па таа (посета) не испраќа добар сигнал, додаде Хипер.

Посетата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на Белорусија не испраќа добар сигнал, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.

– Потребно ни е единство кога станува збор за актери како што е Русија и Белорусија, кои спроведуваат хибридни закани и напади врз Украина и нашето соседство, па таа (посета) не испраќа добар сигнал, додаде Хипер.

Прашана за коментар на изјавата на главниот политички советник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Балаж Орбан за бриселскиот портал „Политико“ за можно формирање на блок на земји од ЕУ кои се скептични кон понатамошната помош за Украина, предводени од Будимпешта, Прага и Братислава, Хипер изјави дека Унгарија минатата недела го поддржа усвојувањето на 19-от пакет санкции кон Русија.

– Одлуките за санкции секогаш се носат едногласно и Унгарија беше дел од тоа, рече Хипер, додавајќи дека поддршката за Украина е клучна и кон тоа се насочени сите напори на ЕУ.