Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил, изјави дека Приштина ќе ги сноси последиците бидејќи не ги послушала советите на Соединетите Американски Држави и дека тоа ќе влијае на односите со Вашингтон, но дека не е запознаен со сите детали.
Тој вели дека мора да се постигне напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, формирање на Заедницата на српски општини и продолжување на дијалогот.
„Државниот секретар Ентони Блинкен јасно стави до знаење дека се противи на какви било потези што ги направил Курти, кои се спротивни на сите совети што ги дававме и Блинкен рече дека ќе има последици. Мора да се обидеме да не го изгубиме нашиот компас и насока, а тоа е формирање на ЗСО, нормализација на односите. Потребно е да се помири балканскиот регион и да се продолжи во насока на ЕУ и евроатлантските интеграции“, рече Хил.
Тој исто така рече дека САД ги осудуваат нападите на граѓаните врз војниците на КФОР и на НАТО на северот на Косово и нагласи дека таквите акции мора веднаш да престанат.
Тој додаде дека е „исклучително важно“ двете страни да разберат дека единствениот пат напред е преку бриселскиот дијалог и со создавањето на Заедницата на српските општини, изразувајќи надеж дека Србија ќе остане фокусирана на продолжување на европскиот пат.