ХИБРИДЕН НАПАД СО КУПЕНИ ДИПЛОМИ

Не внесувањето на Бугарите во Уставот е мала пречка за влезот на Македонија во ЕУ. Многу поголема и посериозна пречка е неисполнувањето на еколошките стандарди. Повеќето граѓани се прават дека не знаат дека живееме во земја од „третиот свет“.

Александар Бежовски

Не внесувањето на Бугарите во Уставот е мала пречка за влезот на Македонија во ЕУ. Многу поголема и посериозна пречка е неисполнувањето на еколошките стандарди. Повеќето граѓани се прават дека не знаат дека живееме во земја од „третиот свет“.

Доволно е да се качат на велосипед и да возат на кејот на Вардар во Скопје – во било кој правец. Едната страна на кејот воопшто не се користи. Ако продолжат после „авиончето“ во Ново Лисиче кон Долно Лисиче, ќе ја видат целата наша беда – ѓубре, диви депонии, загадена вода.

Еден англиски тик-токер дури снимаше како кампува и плови по Вардар. Побарајте на социјалните мрежи – ќе видите за што зборувам.

За жал, вака е насекаде – диви депонии, купишта отпад, загаденост.

Трагедијата со дискотеката „Пулс“ во Кочани и пожарите со депониите само ни покажаа колку сме деградирани како општество во сите сфери на живеењето. За здравствениот систем знаете.

Во последниве 34 години, сведоци сме на целосна девестaција на целокупниот системот – образование, екологија, урбанизам, транспорт, здравство.

До 1945 година, како што опеа Десанка Максимовиќ, си бевме „земља сељака“ на ридестиот Балкан. Осумдесет години подоцна станавме земја на купените дипломи – парадигма на пропадната држава.

Некој ќе рече: „Каква врска има купената диплома со еколошката свест и личната култура?“ Токму тука е проблемот!

Ќе потсетам како функционира „кадровото на Жане“, денес преименувано во модерното „HR“: „Има едно наше дете – ќе му земеме диплома и ќе го ставиме на јако место – ќе не слуша.“ Овој систем ја урниса образовната вертикала и резултираше со поставување на неспособни партиски кадри кои не знаат да управуваат со ниту една сфера на општеството – а најмалку со екологијата, но слушаат.

Истото е и во приватнот сектор, чест на исклучоците.

Не дека за време на Југославија, поточно за време на Социјалистичка Република Македонија сме биле пример во екологија, но по осамостојувањето ситуацијата драматично се влоши.

Законите кои што самите си ги донесовме за да се приближиме до ЕУ не ги почитувавме. Политичките елити – од двете главни партии – под превезот на „јавни-приватни партнерства“ си правеа бизниси, додека рудниците, јаловиштата и РЕК Битола правеа хаварии. Се прашувам какви штетни материи изгореа во Дрисла, складирани во минатото кога управуваше приватна фирма а директор беше партиски кадар?

Сето ова важи за депониите – „диви“ или „легални “, но и и за отпадот од опасни материи. Квалитетот на вработените во администрацијата е деградиран до крајни граници – вработените по министерствата пијат кафе во околните кафулиња или се шетаат низ продавници, додека состојбата по општините е уште полоша.

Стојанче Ангелов вреска за Хибридни напади, новинарот Љупчо Златев повикува безбедносните служби да ги спречат хибридните напади, а јас би прашал: кој ќе престане да пие кафе и конечно ќе почне си ја работи работата? А, кој ќе ги следи и малтретира политички неистомисленици?

Да бидам фер – ваквата состојба не е лична вина на Мицкоски. Но како човек кој дипломирал на УКИМ, иако УКИМ не е на Шангајската листа, очекував да стави крај на именувањето на луѓе со купени дипломи. За жал, изгледа праксата ќе продолжи.

P.S. Снимките од пожарот во Трубарево ме потсетија на сцената кога Орце Георгиевски прскаше со градинарско црево во Расадник. Сега стоеше до багер без лична заштита. Очигледно тоа е рецепт за успешен градоначални и победа на избори., гол популизам Сепак главно прашање е : каде беа градоначалниците, општинските служби и Министерството за екологија кога се издаваа дозволи за субстандардните отпади?

Каде беа кога граѓаните пријавуваа загадување?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“