Израелскиот претседател Јицак Херцог вечерва упати извинување поради загинувањето на седум хуманитарни работници од американската невладина организацијата „Светска централна кујна“, во израелски напад во Појасот Газа.
Претседателот Херцог „ја изразува својата длабока тага и искрено извинување поради трагичната смрт на работниците на Светската централна кујна синоќа во Појасот Газа, и им изрази сочувство на нивните семејства и најблиски“, се вели во соопштението на израелското претседателство.
Во него се вели и дека Херцог лично разговарал со основачот на невладината организација, шпанскиот готвач Хозе Андрес.
Белата куќа изрази огорченост по загинувањето на седум вработени во невладината организација, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.
Американскиот претседател Џо Бајден имал телефонски разговор со основачот на невладината организација – шпанскиот готвач Хозе Андрес, во кој му кажал дека срцето му е скршено поради веста за нападот врз вработените во организацијата.
Карин-Жан-Пјер рече дека ќе биде испратена јасна порака до Израел дека хуманитарните работници мора да бидат заштитени.
Еден од убиените хуманитарни работници имал и американско државјанство, според светските агенции. Меѓу другите жртви на нападот на конвојот на невладината организација има државјани на Австралија, Велика Британија и Полска, како и Палестинци.
Израел веќе вети дека ќе спроведе независна истрага.