
Херцог: Израел е вселенска нација со новиот шпионски сателит „Офек-19“
- Ние не сме само нација на стартапи, ние сме вселенска нација. Израел мора да биде присутен во вселената, таму е иднината на човештвото и таму се најважните стратешки можности, изјави Херцог за време на лансирањето.
Израелското Министерство за одбрана денеска соопшти дека шпионскиот сателит за радарско набљудување „Офек-19“, лансиран синоќа, успешно влегол во орбитата и започнал со пренос на податоци во рамки на почетните тестови.
Лансирањето, реализирано во соработка со Израелската војска и Израелската аерокосмичка индустрија (ИАИ), го следеа израелскиот претседател Исак Херцог и министерот за одбрана Израел Кац, објави „Тајмс оф Израел“.
– Ние не сме само нација на стартапи, ние сме вселенска нација. Израел мора да биде присутен во вселената, таму е иднината на човештвото и таму се најважните стратешки можности, изјави Херцог за време на лансирањето.
Министерот за одбрана Израел Кац истакна дека успешноста на лансирањето на „Офек-19“ не е само технолошки пробив, туку и порака до противниците на Израел.
„Лансирањето на сателитот ‘Офек-19’ е достигнување од највисок глобален стандард. Тоа е и порака до сите наши непријатели – ве набљудуваме во секој момент и во секоја околност“, напиша Кац на платформата Икс.
Кац ги повика регионалните сили на соработка со Израел за искористување на капацитетите на сателитот „за подобра заедничка иднина“, додавајќи дека земјата ќе продолжи значително да инвестира во вселенските и сателитските програми за зајакнување на својата безбедносна предност.
Одговорноста за управување со сателитот ќе ја преземе Единицата 9900 на Израелските одбранбени сили (ИДФ) .Сателитот „Офек-19“, развиен од државната компанија „Израел аероспејс индустрис“, е опремен со напреден радар со синтетичка апертура (САР) и подобрени можности за набљудување, соопшти Министерството за одбрана.