Настанот „Простор за разговор“ чија цел е да ја подигне свеста за родовата еднаквост, денеска беше изведен од танчерите на Скопје танцовиот театар пред публиката во Штип. Целта на овој културен перформанс е отворено да се зборува за родовата нееднаквост, за стерeотипите и за маргинализирањето на групи лица во општеството, но и да се изнајде решение за создавање општество за сите.
„Настанот „Простор за разговор“ се состои од краток филм, танцов перформанс и отворена дискусија.
„Сакаме да ги донесеме младите во уметничка и импулсивна провокација за да можат на некој начин да ги отворат своите емотивни набои, да можат повеќе да придонесат во самиот разговор, или да се отворат пред нас кога ќе разговараме на темата родова еднаквост. Како уметник сметам дека е многу важно да можеме на друг начин да придонесеме во општеството и навистина се радувам на оваа соработка.“, рече Риисма Рисимкин, уметник и универзитетски професор.
Од ХЕРА велат дека преку активна вклученост на публиката и интеракција со неа очекуваат да се доловат лични искуства, вистински приказни на лица од нашето опкружување и соочувањето со родовата нееднаквост која постои.
„Особено е важно да создаваме простори и платформа каде младите ќе имаат можност во безбедна средина да ги споделат своите лични искуства поврзани со родовите стереотипи и родовата нееднаквост. За да изградиме хумано и солидарно општество, важно е секој поединец да биде прифатен, еднакво третиран во заедницата, да биде поттикнат и поддржан да го оствари својот максимален потенцијал. Затоа, треба да инвестираме и градиме млади луѓе кои ќе бидат емпатични, праведни и солидарни“, рече Елизабета Божиноска, програмска директорка во ХЕРА.
„Стереотипите, предрасудите и воопшто родовата нееднаквост имаат огромно влијание врз здравствената, социјалната и економската положба на жените и девојчињата. Сето ова е поврзано и со појавата и инциденцата на насилство врз жените и девојчињата. Затоа е важно да работиме континуирано на подигање на јавната свест и на градење безбедна и здрава средина за младите“, рече Бети Пејева, претседателка на организацијата ЕХО .
Настаните се во организација ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во соработка со Интерарт културниот центар, поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на регионалниот проект за социјално вклучување на ранливи групи во Западен Балкан.
Освен во Куманово и Штип „Простор за разговор“ во следните 10 дена ќе се одржи во Велес, Битола, Охрид и Струга.