
Хајредини: Неприфатливо е пензиите да бидат исти за сите
Најавите на министерката за финансии дека во септември пензиите, според нејзино мислење, треба да пораснат линеарно, е политички маркетинг. Со оглед на тоа дека во октомври ќе имаме локални избори ова не може да се сфати никако поинаку, освен како класичен поткуп на пензионерите со пониски пензии, изјави Хајредини.
Најавите на министерката за финансии дека во септември пензиите, според нејзино мислење треба да пораснат линеарно е политички маркетинг. Со оглед на тоа дека во октомври ќе имаме локални избори ова не може да се сфати никако поинаку, освен како класичен поткуп на пензионерите со пониски пензии кои се најголеми поборници за линеарно зголемување на пензиите. Од друга страна, ваквиот начин, односно линеарното зголемување на пензиите е негирање на трудот на оние пензионери кои придонеле повеќе во Пензискиот фонд, односно кои плаќале поголеми придонеси, изјави за „Локално“, Џевдет Хајредини, економски аналитичар и поранешен министер за финансии.
Овој метод на линерално зголемување на пензиите за прв пат беше применет кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, односно кога министер за финансии беше Зоран Ставревски, а потоа истиот го примени и СДСМ кога виде дека има голем ефект врз гласачкото тело.
Според Хајредини, неприфатливо е пензиите да бидат исти за сите. Доколку Владата сака да им помогне на оние со ниски пензии треба да ги зголеми издвојувањата од Буџетот за социјалната категорија граѓани.
-Ако пензиите се многу мали, тогаш тоа треба да биде предмет на социјалната политика. Доколку Владата сака да им помогне на пензионерите со пониски пензии тоа може да го направи преку поголеми одвојувања за социјалната категорија граѓани. Ова е со цел да не се наруши рамнотежата во Пензискиот систем, односно кој колку давал за придонеси да земе и толкава пензија. Ова е чиста популистичка мерка за да придобијат поголем број пензионери со ниски пензии да гласаат за нив на престојните локални избори, појасни Хајредини.
Поголем дел од економистите се согласуваат дека линеарното зголемување на пензиите носи ризик, бидејќи се зголемуваат издвојувањата од буџетот што на крајот ќе се сведе на повторно задолжување на државата.