
Хасани: Проширувањето на ЕУ не е само политички процес, туку и стратешка инвестиција за мир во Европа
Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, денеска, на отворањето Министерскиот состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана, порача дека „проширувањето на ЕУ не е само политички процес, туку и стратешка инвестиција за мир во Европа“.
Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, денеска, на отворањето Министерскиот состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана, порача дека „проширувањето на ЕУ не е само политички процес, туку и стратешка инвестиција за мир во Европа“.
Хасани рече дека Албанија е посветен член на овој процес и го поддржува слободниот пазар, додавајќи дека „во овој период, Албанија се фокусираше на три приоритети: зајакнување на политичката соработка, забрзување на економската интеграција и конкретни резултати на патот кон Европската Унија“.
-Горди сме на достигнувањата како што се договорот за регионален роаминг и 5-те договори за мобилност потпишани во рамките на Берлинскиот процес. Албанија останува целосно посветена на трансформативното патување, зашто проширувањето на ЕУ не е само политички процес, туку стратешка инвестиција за мир во Европа. Со отворањето на групните поглавја, ние сме на вистинскиот пат кон интеграција. До крајот на годината очекуваме да ги отвориме сите групни поглавја, рече Хасани.
Тој потсети дека во овој период, Албанија успешно водеше пет регионални и меѓународни претседателства: Црноморската економска соработка, Јадранската повелба, Централноевропската иницијатива, Иницијативата за азил, миграција и бегалци, како и самата ПСЈИЕ.
ПСЈИЕ (SEECP) го сочинуваат 13 земји учеснички, кои се и членки на Одборот на Советот за регионална соработка (РСС), Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Северна Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Косово и Турција, а на денешниот самит учествуваат претседатели или премиери на овие земји.
Тирана го презеде претседавањето со процесот, за периодот јули 2024 – јуни 2025 година, од Скопјe, а претседавањето ќе и го предаде на Софија.