Американската потпретседателка Камала Харис во нејзиниот прв говор како можен демократски претседателски кандидат се претстави како решителен предизвикувач на републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
Како обвинител и јавен обвинител на Калифорнија, таа била соочена со секакви криминалци, рече 59-годишната политичарка за време на настапот во предизборниот штаб на Демократите во Вилмингтон, во американската сојузна држава Делавер. „Криминалци кои злоупотребувале жени, измамници кои ги оштетуваат потрошувачите и хохштаплери кои ги прекршиле правилата во нивна корист. Затоа, слушајте ме кога велам дека познавам типови како Доналд Трамп. Во оваа изборна кампања гордо ќе направам компарација на мојот биланс со неговиот.“
„Подобра иднина во која има место за сите Американци“
Истовремено, Харис ја истакна својата визија за можното претседателство. Во централните точки на нејзината програма спаѓаат потпишување закони за заштита на правото на абортус и забрана за автоматско оружје. „Мораме да ги заштитиме правата на жените и истовремено да се погрижиме за поголема безбедност на нашите заедници“, рече Харис. Таа нагласи дека реконструкцијата на американската средна класа би била централна цел на нејзиното претседателствување. Родена во САД како ќерка на мајка Индијка и татко од Јамајка – се претстави како кандидат кој се залага за напредок и ја стави својата можна кандидатура во контекстот на движењето за граѓански права на САД. Трамп гледа наназад, а таа гледа напред, гласи нејзината порака. Републиканецот сака да ја врати земјата „назад во времето кога многу наши сограѓани Американци сè уште немаа целосни слободи и права.” Од друга страна, таа верува „во подобра иднина која нуди простор за сите Американци“.
„Тоа беше како возење на тобоган”
За време на нејзиниот настап, Харис демонстрираше увереност во победата, но исто така призна дека промената кон неа како можен кандидат значеше пресврт за тимот на кампањата. „Знам дека тоа беше како возење на тобоган и сите ние имаме толку многу измешани емоции“, рече таа, осврнувајќи се на повлекувањето на американскиот претседател Џо Бајден од трката за Белата куќа. „Имаме толку многу добри причини да го сакаме Џо Бајден и јас имам целосна доверба дека овој тим ќе биде причината за победата во ноември“. Харис нагласи дека „ќе стори сѐ што е во нејзина моќ“ за повторно обединување на Демократската партија по напорните недели. Кампањата на Трамп веднаш реагираше на говорот на Харис. Портпаролката Каролин Левит ја опиша потпретседателката како „исто толку неспособна како Џо Бајден и уште полиберална“. Таа ја повика Харис да преземе одговорност за „неуспешната агенда“ на администрацијата на Бајден во последните години.
Бајден бара поддршка за Харис
Сопругот Даг Емхоф ja придружуваше Камала Харис на настапот. Изненадувачки, Бајден се приклучи телефонски и повика на поддршка за Харис од неговиот поранешен тим на кампањата „Знам дека Камала може да ме слушне и ќе ви се обрати“, рече Бајден. „Гушнете ја. Таа е најдобра“. 81-годишникот нагласи дека е свесен дека веста за неговото повлекување од претседателската кандидатура е „изненадувачка и тешка да се поднесе“ за тимот на кампањата. Но, тој смета дека ја донел вистинската одлука. Со поглед кон следните недели, Бајден најави дека ќе биде „целосно вклучен“. „Ќе бидам во кампањата со Камала“, рече тој. „Ќе работам напорно, и како актуелен претседател за донесување закони и за време на изборната кампања.“ Тој е решен во времето на својот преостанат мандат „да постигне што е можно повеќе, како во надворешната, така и во внатрешната политика.“
Демократите сакаат да ја забрзаат процедурата
По историското повлекување на Бајден од изборната кампања, Харис моментално се смета за најперспективниот кандидат на Демократите за претседателските избори во САД на 5-ти ноември. Но, таа сепак треба да биде номинирана од нејзината партија. Дали таа ќе го следи предлогот на Бајден, ќе се одлучи на конвенцијата за номинација на Демократите, која се одржува од 19 до 22 август во Чикаго. Според извештаите на американските медиуми, Харис веќе има доволно поддржувачи меѓу демократските делегати за официјално да биде номинирана за претседателски кандидат на состанокот во Чикаго. Според проценките на новинската агенција АП, таа веќе има освоено 2.214 делегати и затоа е многу над простото мнозинство од вкупно 3.936 делегати (1.969 гласови) потребни за номинација во првиот круг на гласање.
Партијата веќе ги забрзува плановите за виртуелно гласање, во кое делегатите можат однапред да изберат кандидат. Комитетот што ги утврдува правилата за партиската конференција треба да се состане во среда за да утврди како може да функционира процедурата. Нацрт на планот е достапен за новинската агенција АП. Во нацртот нема датум кога треба да започне целата работа. Сепак, претседателот на Демократската партиска организација, Џејми Харисон, рече дека процесот треба да биде завршен до 7 август за „да се постигне што е можно повеќе, како за надворешната, така и за внатрешната политика“.