Харис вети поддршка за македонските идентитет и јазик, Трамп најави економска соработка и безбедност
Доколку биде избрана за претседател на САД, потпретседателката и демократска кандидатка Камала Харис кажа дека ќе ги штити правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонските идентитет и јазик, додека поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и безбедност на Западен Балкан.
Доколку биде избрана за претседател на САД, потпретседателката и демократска кандидатка Камала Харис кажа дека ќе ги штити правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонските идентитет и јазик, додека поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп вети економска соработка и безбедност на Западен Балкан ако тој победи на изборите во вторник, објави Гласот на Америка на македонски.
И двете кампањи најавија поддршка на демократските институции и борба против корупцијата во регионот.
– НАТО и ЕУ се базираат на заеднички демократски вредности, вклучувајќи силни, независни и одговорни институции. Нашите вредности, исто така, ги штитат и почитуваат правата на граѓаните и земјите слободно да го изразуваат својот национален идентитет, вклучително и македонскиот идентитет – и да го зборуваат својот национален јазик, вклучително и македонскиот јазик.
Потпретседателката Харис разбира колку се важни овие вредности за виталната македонско-американска заедница, изјави портпаролот на кампањата на Харис за Гласот на Америка на македонски.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден на почетокот на мандатот најави борба против корупцијата, велејќи дека претставува закана за национална безбедност, не само во САД, туку и во цел свет. Претседателот Џо Бајден во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде блокада на имот и спречување влез во САД за одредени лица кои придонесуваат кон дестабилизација на Западен Балкан, за постапки кои, меѓу другото, вклучуваат корупција.
Кампањата на Трамп, пак, ја критикува надворешната политика на Бајден во однос на борбата против корупцијата и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, нарекувајќи ја „пасивна“.
-Надворешната политика на администрацијата на Бајден на Балканот е обележана со неактивност, празни ветувања и недостаток на посветеност за вистинско разбирање на уникатните предизвици на регионот. Наместо да се спроведуваат значајни економски и иницијативи за раст во земји како Грција, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Романија и Словенија, за поддршка на овие нации во нивната борба против корупцијата и интеграцијата во ЕУ, администрацијата на Бајден се одлучи за пасивен пристап.
Овој недостаток на ангажман не само што го попречи економскиот напредок, туку и остави многу балкански држави да се чувствуваат занемарени и невреднувани додека тензиите вријат без соодветна интервенција, изјави Христос Марафацос, заменик-претседавач со Националната коалиција за различности на претседателот Трамп.