Харадинај го напаѓа Курти: Не беше успешен во дијалогот!

Алијансата за иднината на Косово и нејзиниот претседател Рамуш Харадинај повеќе не се противат на формирање Заедница на општини со српско мнозинство на Косово, како што правеа пред години, а Харадинај на Т7 објасни дека причина за тоа е одлуката на Уставниот суд на Косово, пренесува Газета експрес.

„Што се однесува до ЗСО, имаме олеснителна околност. За среќа, кога станува збор за ова, одлуките на Уставниот суд ги премолчија приговорите, бидејќи највисоката судска инстанца даде одговор“, рече Харадинај.

Тој оцени дека Курти, за жал, не бил успешен во дијалогот.

„Ние го имаме премиерот Курти кој не беше успешен во дијалогот. Мојата определба не беше за ЗСО, туку за спас на Косово. Да бев на местото на Курти, ќе бев поуспешен. Зошто? Затоа што ќе обезбедија поблиска соработка на Америка во дијалогот. Не би дозволил да ги антагонизирам косовските Срби и да му ги предадам на Вучиќ“, рече Харадинај.

Тој посочи дека ги поддржува сите влади во дијалогот, на Тачи, на Мустафина, на Хоти и на Курти.

Тој рече дека не се точни шпекулациите дека ќе коалицира со Самоопределување и дека неговата желба е да биде претседател во фаза кога Косово е во тешка позиција.

„Се очекуваа шпекулации. Бев подготвен да ја преземам функцијата претседател. Целта ми беше да му помогнам на Косово. Но и да балансирам, за Курти да не биде сам, бидејќи кога нема рамнотежа, грешките се поголеми. Кога слушате само за себе, процесите можат да тргнат наопаку“, рече тој.

Харадинај оцени дека владата на Курти е штетна за Косово и не работи во интерес на Косово.