Харадинај: Владата на Курти создаде терен за антикосовските акции на Србија
За тешката ситуација на северот од Косово, одговорност има српскиот претседател Александар Вучиќ кој ја саботира секоја можност за воспоставување на нормалност во односите и интеграција на српското население во косовските институции, но сето ова е овозможено поради кратковидата политика на владата на Албин Курти, кој направи фашистичката политика на Србија кон Косово и да не изгледа толку лошо, вели поранешниот премиер и актуелен лидер на опозициската „Алијанса за иднината на Косово“, Рамуш Харадинај.
„Вучиќ им нареди на локалните Срби да го напуштат институционалниот живот. Тој им нареди да ги бојкотираат изборите. Тој ги поддржа криминалните групи и под влијание на Русија подготви сценарио за дестабилизација на Косово. Затоа, неговите барања се само продолжение на неговата војна против Косово. Болно е, но за жал теренот за овие антикосовски дејствија на Србија, поддржани од некои меѓународни кругови, е создаден од кратковидата политика на владата на Курти“, изјави Харадинај.
Според него, решение со Србија може да има само доколку двете страни взаемно да се признаат во постоечките граници.
Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Србија ќе преземе неколку мерки по неодамнешните тензии на северот на Косово и по затворањето на неколкуте институции за кои Приштина велеше дека се паралелни институции за кои нема место во независна земја.
Меѓу барањата на Вучиќ се и оние за фер и слободни избори, враќање на српските судии и обвинители на правни позиции, враќање на Србите во полицијата на северот на Косово, како и итно формирање Заедница на српски општини
Исполнувањето на барањата, како што вели Вучиќ, според позицијата на Србија, е неопходен предуслов за значаен напредок во процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина.