Хакерски напади на институции во Косово

Перпарим Криезиу – портпарол на владата во Косово изјави дека институциите во земјата во последните два дена имале привремени проблеми со интернет сервисот, како резултат на хакерски напади. Тој рече дека е идентификувано дека нападот дошол надвор од границите на Косово.

„Тимот од секторот за кибер безбедност на Агенцијата за информатичко општество, во соработка со надворешни експерти, идентификуваше дека проблемот со интернет услугата е резултат на кибер напад. Кибер нападот не навлезе во инфраструктурата на државната компјутерска мрежа откако беше блокиран од соодветната безбедносна опрема“ – рече тој.

Според него, утврдено е дека кибер нападот дошол надвор од Косово, а цел била ИП на која се објавени повеќе веб страници на косовските институции, додека од секторот за сајбер безбедност биле преземени конкретни активности со цел надминување на овој кибер напад и враќање на интернет сервисот во функција.

„Ситуацијата во моментов е стабилна и се следи“ – вели тој.

„Коха.нет“ информира за анонимно писмо кое пристигнало во понеделникот навечер и во кое било предупредено на напад врз институциите и медиумите на Косово.

Во писмото, според информаците, на англиски јазик пишувало дека нападот ќе биде извршен поради „ширење омраза против муслиманите“.