
Хаканен: Поразот на Русија во Украина е клучен за запирање на Кина во Индо-пацифичкиот регион
Министерот за одбрана на Финска, Анти Хаканен денеска изјави дека поразот на Русија е клучен за запирање на Кина во Индо-пацифичкиот регион и ја предупреди Европа и нејзините сојузници дека се соочуваат со борба со глобални последици
Министерот за одбрана на Финска, Анти Хаканен денеска изјави дека поразот на Русија е клучен за запирање на Кина во Индо-пацифичкиот регион и ја предупреди Европа и нејзините сојузници дека се соочуваат со борба со глобални последици.
Според него, Кина внимателно ја следи подготвеноста на Западот да ѝ се спротивставува на руската инвазија врз Украина.
– Кина набљудува. Дали Западот има сила и отпорност, кога автократите и диктаторите мислат дека можат да војуваат уште една година, а на демократските земји ќе им се здодее? Мораме да покажеме дека уште посилно го поддржуваме отпорот кон насилството. Тоа не е само во Украина. Тоа е против насилството, против војната, а тоа е сигнал и за Кина и за Индо-пацифичкиот регион, посочи Хаканен.
Тој додаде дека ако Кина предизвика „некој вид воен судир“ во него на некој начин ќе биде вклучена и Русија.
– Сега гледаме дека Русија, со свои ресурси, не може да продолжи со ваков вид војување, но Кина многу ѝ помага. Дава многу пари за да ѝ помогне на руската економија, од извоз на енергија, до испраќање многу воени компоненти и индустриска соработка, наведе Хаканен.
Тој верува дека завршувањето на војната во Украина бара пристап со три столба: построги санкции врз руската економија и извозот на енергија; посилна воена помош за Украина; и употреба на оружје со долг дострел за уништување на фабрики за беспилотни летала и ракети.