„Една поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина“. Ова е ставот на Френсис Фукујама – професор, филозоф и автор на „Крајот на историјата и последниот човек“.
„Мислам дека има многу сличности бидејќи во случајот со Северна Македонија, една земја, поголема земја се обидува да го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија и тоа навистина е иста работа со руските тврдења во однос на Украина. Јас мислам дека основниот принцип на двете демократии и меѓународните односи е дека сите луѓе треба да бидат слободни да си го одредат својот сопствен наратив и тоа да не биде диктирано од други земји, од други поголеми земји кои сакаат да им кажат различни приказни. И мислам дека од таа перспектива е доста слично“ – вели Фукујама во интервју за Радио Слободна Европа.
Според него, многу европски земји имаат крајно десничарски екстремни движења и од тоа мораат да се пазат.
Фукујама додава дека исходот од војната во Украина ќе одреди како ќе изгледа светот и дека по руската инвазија повеќе ќе се цени живеењето во либерален поредок.
„Мислам дека исходот од конфликтот ќе одреди како ќе изгледа светот. Мислам дека може да замислиме многу лошо сценарио од гледна точка на демократијата и добро сценарио. Лошото сценарио очигледно е ако Путин успее и ја урне избраната власт во Киев и инсталира марионетска влада и успее да присвои делови или цела Украина во поголема Русија. Но од друга страна не верувам дека ќе успее и може да биде заглавен и според некои сценарија да биде принуден да се повлече од Украина што ќе биде многу понижувачки за него. И во тој случај ми изгледа дека ќе има добар исход, не добар за Украина, страшен за Украинците, но за демократскиот свет воопшто кои покажаа солидарност, во одбивање на агресијата и тие ќе го зачуваат европскиот поредок каков што постои од 1991 година“ – вели Фукујама.