Фудбалер од Куманово ги провоцира Србите: Ќе ве победиме 5:0 на ЕП

Албанскиот фудбалски репрезентативец Таулант Сефери ги испровоцира Србите во пресрет на клучните натпревари од квалификациите за Европското првенство.

Двете селекции се пред пласман на континенталниот шампионат, а Сефери, кој е роден во Куманово и кариерата ја почна во земјава, би сакал во групата да ја добие токму Србија што најверојатно ќе биде возможно врз основа на шеширите при ждрепката.

„Ја сакам Србија во нашата група на Европското првенство за да ја победиме како што треба. Верувам дека можеме до триумф без примен гол и тоа со 3-0, 4-0 или 5-0“, изјави Сефери.

Тој ја почна професионалната кариера во Работнички со само 16 години, но тогаш настапуваше со презимето Сулејманов и настапуваше за младинските селекции, а во 2014 година одигра и два натпревари за сениорската репрезентација на Македонија.

Потоа замина во Швајцарија каде играше за Јанг Бојс, Волен, Винтертур и Ксамакс пред да се пресели во Тирана во 2021 година, прво на позајмица, а потоа и со перманентен трансфер.

Во 2017 година заигра за албанската У21 репрезентација, а две години подоцна дебитираше за националниот тим на нашиот западен сосед. Во актуелните квалификации за Европското првенство е меѓу најдобрите во албанската репрезентација, заедно со уште еден фудбалер роден во Македонија – Јасир Асани.

Во моментов, тој е член на украинскиот прволигаш Ворскла, на позајмица во Банијас од OAE.