ФС Индонезија: Трагедија се случи поради заклучени порти

Доцнењето на отклучувањето на портите на стадионот во Индонезија, откако навивачите влегоа на теренот, а насилството избувна и внатре и надвор од стадионот, придонесе за катастрофата која однесе најмалку 131 живот, соопшти Фудбалскиот сојуз на Индонезија.

ФС Индонезија додаде дека доживотно го суспендирале од фудбалот отпуштениот директор и безбедносниот координатор на ФК Арема, на чиј стадион се случи трагедијата. Причината е што не ја обезбедија доволно самата игра и што не ја дадоа командата навреме да се отклучат портите.

„Портите требаше да бидат отворени, но беа заклучени“, рече шефот на Дисциплинската комисија на ФС Индонезија, Ервинг Тобинг.

Поради недостиг на работници, само неколку луѓе добија наредба да ги отворат портите, а тие се уште не беа стигнати до одредени порти кога гледачите почнаа да трчаат кон нив за да избегаат од испуканиот солзавец, додаде портпаролот на здружението Ахмад Ријад.

Ријад додаде дека портите морале да се отворат десет минути пред крајот на натпреварот, но и дека седум минути по крајот на дуелот во саботата, неколку порти се уште биле заклучени.

Полицијата се уште стои на своите тврдења дека сите порти се отворени, но дека не се доволно широки и дека низ нив можат да поминат само две лица во исто време и тоа во време кога стотици луѓе се обидувале да избегаат.

Според препораките на ФИФА, а потоа и Азиската фудбалска конфедерација, портите на стадионот мора постојано да се отклучуваат, токму од безбедносни причини. Секако, тие препораки не мора да важат за натпревари од домашни натпреварувања, туку претставуваат безбедносен стандард.

Според последните информации, во трагедијата во Маланг загинаа 131 лице.