
Фронт 21/42: Охрид е дел од идентитетот, но упорно се уништува со криминал и корупција
Охридскиот Регион е значаен дел од нашиот идентитет, но неговите вредности веќе три децении безмилосно ги обезличуваат и уништуваат криминалот и корупцијата, кои се под заштита на институциите, велат од граѓанската организација Фронт 21/42.
Охридскиот Регион е значаен дел од нашиот идентитет, но неговите вредности веќе три децении безмилосно ги обезличуваат и уништуваат криминалот и корупцијата, кои се под заштита на институциите, велат од граѓанската организација Фронт 21/42. Тие сметаат дека сѐ додека не се отстрани хотелскиот комплекс во Горица, дивоградбите во Студенчишко Блато, хотелот во Рамне, сѐ додека не се забрани лов на пастрмка, додека постојат Куба Либре, платформите во Свети Наум, Канео и сите останати конструкции во езерото, сѐ додека не се усвојат закони за Охридското Езеро и Студенчишко Блато со сите препораки од УНЕСКО и Бернската конвенција, додека не се стопираат легализациите на дивоградбите и не се поништат сите легализации од 2019 до денес, во земјата ќе владеат криминалот и корупцијата, заштитени од локалната и државната власт.
„Во текот на изминатата седмица нашето единствено природно и културно светско наследство по трет пат беше „спасено“ од страна на политичарите. Исто како и два пати претходно, актуелните домашни политичари успешно излобираа политичарите во Комитетот за светско наследство да ја игнорираат проценката на состојбата направена од страна на експертите врз основа на директен увид на терен. По трет пат во последниве 6 години ја слушнавме истата реторика на „спасителите“ од власта и на „загрижените“ од опозицијата, кои уште еднаш ни покажаа дека за нив функцијата на најголемото природно и културно богатство на земјата е да го обели имиџот на нивната партија и оцрни оној на противниците“, велат од организацијата.
Посочуваат дека всушност, според усвоената Одлука на Комитетот, нашата држава и Албанија немаат ништо против да се изработи Посакувана состојба на зачуваност и да се усвои сет на корективни мерки, што е востановен механизам за светските наследства во опасност. Од Фронт 21/42 велат дека она за што нашите политичари и овојпат се изборија е да не се оствари е мониторинг врз реалното спроведување на овие мерки, како и до пристапот до финансии кои подлежат на редовни извештаи со докази и контроли.
„Со оваа Одлука до следната сесија на Комитетот ќе се изработува Посакувана состојба на зачуваност со корективни мерки, документ во кој, може да претпоставиме со голема веројатност ќе се најдат мерките од постоечкиот Стратегиски план за рехабилитација. И повторно, ништо од сето тоа нема да се реализира, додека на терен ќе продолжи уништувањето. Ова е воспоставена пракса од усвојувањето на Планот за управување во 2020 година, континуирано се изработуваат нови документи, со кои се докажува посветеноста пред УНЕСКО, а кои ги содржат истите активности, но со нови рокови, кои не ги реализира ниту една одговорна институција“, велат од Фронт 21/42.