Фреј: Локалната полиција на Минеаполис нема да соработува во акциите против имигрантите

Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, денеска потврди дека локалните полициски сили во тој град нема да соработуваат со федералните агенти во акциите против имиграцијата.

Градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, денеска потврди дека локалните полициски сили во тој град нема да соработуваат со федералните агенти во акциите против имиграцијата.

– Работата на нашата полиција е луѓето да бидат безбедни, а не да ги спроведува федералните имиграциски закони. Сакам тие да спречуваат убиства, а не да ловат татко кој работи и придонесува за Минеаполис, а е од Еквадор. Тоа е слично на политиката што (поранешниот градоначалник на Њујорк) Руди (Џулијани) ја спроведуваше во Њујорк. Секој треба да се чувствува безбедно кога ќе го повика 911 (телефонскиот број на полицијата и другите служби), рече Фреј, пренесува Си-Ен-Ен.

Џулијани за време на својот градоначалнички мандат во Њујорк во 2001 година ја потпиша извршната наредба 124, која, како што тогаш изјави, „ги штити недокументираните имигранти во Њујорк од тоа да бидат пријавени кај имиграциските власти“, сè додека ги користат градските услуги „клучни за нивното здравје и безбедност, како и за целиот град“.

Претходно денеска Трамп го нарече одбивањето на локалната полиција во Минеаполис да соработува со федералните агенти како кршење на законот.

– Изненадувачки, градоначалникот Џејкоб Фреј штотуку изјави дека „Минеаполис не ги спроведува, ниту ќе ги спроведува федералните закони за имиграција“. По многу добар разговор со него. Може ли некој од неговото најблиско опкружување да му објасни дека оваа изјава е многу сериозно кршење на законот и дека тој си игра со оган, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Претходно, Фреј се сретна со „царот за граници“ на Белата куќа, Том Хоман, со кого оствари „продуктивен разговор“. Хоман е одговорен за водење на граничната политика и политиката за депортација во администрацијата на Трамп.