Фреди Меркјури на колекционерски монети од британската Кралска ковница

Британската Кралска ковница издаде монета со ликот на Фреди Меркјури, којашто „ќе му значела сè на светот“, според зборовите на сестрата на легендарниот пејач на „Квин“.

Британската Кралска ковница издаде монета со ликот на Фреди Меркјури, којашто „ќе му значела сè на светот“, според зборовите на сестрата на легендарниот пејач на „Квин“.

Монетата, одобрена од „Меркјури сонгс лимитед“, е достапна за купување од страницата на Кралската ковница од денеска – 18 ноември. Дизајнот на монетата го прикажува харизматичниот изведувач во настап, а е придружен со неговиот потпис. Деталите на монетата ја раскажуваат приказната за извонредниот талент на Меркјури преку внимателно изработени дизајнерски елементи, соопшти Кралската ковница.

Новата паричка се совпаѓа со 40-годишнината од концертот „Live Aid“ што се одржа во 1985 година, како и 40-годишнината од соло студискиот албум, „Mr Bad Guy“ на Меркјури.

Сестрата на парси-британскиот пејач роден како Фарук Булсара – Кашмира Булсара ја посети Кралската ковница за да ја испечати првата паричка.

– Издавањето на првата монета во Кралската ковница беше толку емотивен и горд миг за мене. Фреди би бил апсолутно воодушевен да се види себеси почестен на овој начин и да знае дека неговото семејство е дел од оваа чест и почит. Тој отсекогаш имал таква почит кон британските традиции и институции, и Кралската ковница да го прослави неговото наследство со олку прекрасна уметност – тоа би му значело сè на светот. Монетата совршено ја доловува неговата страст и радоста што им ја донесе на милиони луѓе преку својата музика, изјави Булсара.

Ребека Морган, директорка на комеморативните монети во Кралската ковница на пари, се согласи дека посетата на Кашмира е неверојатно трогателна.

– Тоа го направи овој проект уште поспецијален. Фреди Меркјури не беше само музичар – тој беше сила на природата која ја трансформираше секоја сцена на којашто стапна. Оваа монета ја доловува таа електрична енергија и го слави како вистинска глобална икона чие влијание продолжува да инспирира генерации. Нивото на детали во овој дизајн, од неговиот потпис до музичкото столпче што го претставува неговиот неверојатен гласовен опсег, го прави ова едно од нашите најспецијални комеморативни парчиња.

Колекционерската монета за Фреди Меркјури ја продолжува традицијата на Кралската ковница, со парички што ги слават луѓето кои оставиле трајно наследство на светската сцена. Меѓу досега почестените се Дејвид Боуви, Џорџ Мајкл, Ширли Бејси и Пол Мекартни.

Кралската ковница, исто така, ќе ѝ подари златна паричка на „Меркјури Феникс траст“ (Mercury Phoenix Trust), добротворната организација за борба против СИДА основана во негова чест. Златникот, според најавите, потоа ќе биде продаден на аукција, продолжувајќи ја така и мисијата на Меркјури за поддршка на луѓето погодени од ХИВ и СИДА.

Колекционерските монети ќе може да се купат и во продавницата „Фреди Меркјури стор“. Цените за новите парички со ликот на Фреди Меркјури се движат од 18,50 фунти (за обичната монета од 5 фунти) и 29,50 (фунти за паричка во боја со апоен од 5 фунти), до цена од 144,50 фунти (за сребрена монета во боја од 1 унца со апоен од 2 фунти) и 9.350 фунти – за златна монета од 2 унци со апоен од 200 фунти.