Данскaтa премиерка Мете Фредериксен сака Европската унија да воведе старосна граница од 15 години за користење на социјалните мрежи, во обид подобро да ги заштити младите корисници на паметни телефони од штетна содржина и зависност од екранот, пишува денеска бриселскиот портал Политико.
“Денес можете да креирате профил на повеќето платформи ако имате само 13 години. Но, кога имате 13 години, сè уште сте дете. И видовме дека ризикот за децата на социјалните мрежи е преголем”, рече Фредериксен во статија за данскиот весник „Политикен“, која ја напишала заедно со пратеничката на ЕУ Кристел Шалдемозе.
Тие сметаат дека старосната граница треба да биде придружена со ефективни алатки за проверка на возраста, бидејќи „технолошките гиганти не преземаат одговорност за ова“.