Францускиот предлог оди на пленарка, ама непознато е кога

Координацијата во Собранието помина,а партиите остануваат на своите цврсти позиции околу францускиот предлог за кревање на ветото и отворање на патот за македонските евроинтеграции.

Спикерот Талат Џафери, согласно Деловникот, се очекува да ја свика пленарната седница на чиј што дневен ред ќе биде Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка. За денес е закажана пленарна седница со една точка на дневен ред – ребаланс на Буџетот, за која што расправата ќе трае до 5 дена.

На денешната координација присуствувале потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, координаторите на пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Мицевски; на СДСМ, Јован Митревски; на ДУИ, Арбер Адеми и на Алијанса на Албанците, Илире Даути, како и претставниците на политичките партии БЕСА, Алтернатива и Левица.

Опозицијата присуствуваше на пленарната седница, но само со цел да ги повтори барањата на пратеничката група.

Од парламентот нагласуваат дека согласно член 185 од Деловникот на Собранието, претседателот ја Собранието ја доставува Информацијата до пратениците во форма во која што е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина.

„Во исто време, нема деловничка одредба која што му овозможува на претседателот да ја врати информацијата до предлагачот. Според процедурата, Информацијата која што е на дневен ред на пленарна седница, се усвојува со донесување на заклучоци по однос на Информацијата“ – велат од Собранието.

Координаторот пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, пак вели дека материјалите на кои инсистира опозицијата во врска Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, испратена од Владата до законодавниот дом, ќе им бидат дополнително доставени до пратениците преку претседателот на Собранието.