Француската опозиција бара предвремени избори

Опозициските партии во Франција го повикаа претседателот Емануел Макрон да распише предвремени парламентарни избори или да поднесе оставка

Опозициските партии во Франција го повикаа претседателот Емануел Макрон да распише предвремени парламентарни избори или да поднесе оставка.

Оваа шега трае предолго, фарсата мора да заврши, изјави лидерката на ултрадесничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен.

И членката на ултралевичарската партија Непокорна Франција, Матилд Пано изјави дека „Одбројувањето започна. Макрон мора да си оди“.

На повиците за оставка од Макрон се придружи и пратеникот од конзервативната партија Републиканци, Давид Линард, додека лидерот и министер за внатрешни работи во заминување, Бруно Ретајо, кој вчера го критикуваше составот на новата влада, денеска изјави дека „топката е веќе во дворот на Макрон и дека тој наскоро ќе мора да се изјасни“.

Доколку има ќор-сокак, тогаш ќе се вратиме на гласачките кутии, но мислам дека има и други начини пред да стигнеме таму, наведе Ретајо.

Барањата за оставка на Макрон и распишување на предвремени парламентарни избори по оставката на премиерот Себастијан Лекорну. Тој, речиси четири недели по неговото именување поднесе оставка, обвинувајќи ги политичките партии во Национално собрание за создавање политички ќор-сокак.

Лекорну ја критикуваше жестоката борба околу распределбата на министерските места, која, според него, била непосредната причина за неговата оставка.

Во Националното собрание, ниту центристичкиот сојуз на претседател Макрон, ниту десницата и левицата немаат мнозинство. Владата се соочува со потребата да усвои рестриктивен буџет поради растечкото национално задолжување.