
Франција испрати „Рафал“ ловци на небото над Обединетите Арапски Емирати со цел заштита на своите воени бази во земјата, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан Ноел Баро.
„Спроведени се операции за обезбедување на воздушниот простор над нашите бази“, изјави Баро за СиЕнЕн. Тој не даде дополнителни детали за конкретните мисии на авионите, ниту прецизираше дали тие биле вклучени во соборување дронови или ракети кои би можеле да претставуваат закана за француските воени бази.
Париз претходно упати критики за нападот на САД и Израел врз Иран. Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека операцијата започнала „надвор од рамките на меѓународното право“.
Сепак, со оглед на наглата ескалација на конфликтот во Блискиот Исток, Франција презеде дополнителни мерки и го испрати нуклеарниот носач на авиони „Шарл де Гол“ во Средоземното Море.