
Франција ги отфрли тврдењата на Русија дека Макрон користел кокаин заедно со Мерц и Стармер
Елисејската палата ги отфрли како „дезинформации“ тврдењата што ги шират луѓе блиски до Кремљ дека Емануел Макрон користел кокаин заедно со Фридрих Мерц, германскиот канцелар, и Киер Стармер додека патувале со воз кон Киев, пренесува Гардијан.
Елисејската палата ги отфрли како „дезинформации“ тврдењата што ги шират луѓе блиски до Кремљ дека Емануел Макрон користел кокаин заедно со Фридрих Мерц, германскиот канцелар, и Киер Стармер додека патувале со воз кон Киев, пренесува Гардијан.
Лажните тврдења, кои првично се појавија на проруските социјални мрежи, а потоа беа преземени од портпарол на Кремљ и друг официјален претставник, доаѓаат во време на засилени обиди од страна на Кремљ да ги маргинализира напорите на Европа за поддршка на Украина.
„Оваа лажна вест ја шират непријателите на Франција, и надворешни и внатрешни. Мора да останеме будни против манипулациите“, објави Елисејската палата на мрежата X, откако на интернет беа споделени видеа на кои се гледа како Макрон зема марамче од масата на која седи заедно со британскиот премиер Стармер и со германскиот канцелар Мерц.
Иако на фотографии со висока резолуција јасно се гледа дека Макрон подига марамче, теоретичарите на заговор на интернет тврдеа дека францускиот претседател криел кесичка со кокаин, а дека Мерц држел лажичка за кокаин.
„Ова е марамче. За бришење нос. Ова е европско единство. За градење мир. Кога европското единство станува незгодно, дезинформациите одат дотаму што од обично марамче прават дрога“, објави Елисејската палата до фотографија од состанокот.
Тврдењето за кокаин брзо беше засилено од високи руски функционери, меѓу кои и портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, на нејзиниот канал на Телеграм.
„Откако го турнаа Зеленски во уште една пеколна шема за да го спречат постигнувањето договор и да го продолжат крвопролевањето во Европа, звучи како виц: Французин, Англичанец и Германец влегле во воз и повлекле линија“, напиша Захарова во неделата.
„Очигледно биле толку изгубени што заборавиле да ги сокријат реквизитите, мала кесичка и лажичка, пред да пристигнат новинарите. Судбината на Европа е во рацете на луѓе кои се зависни во секоја смисла на зборот“, додаде таа.
Кирил Дмитриев, пратеник на Владимир Путин и директор на Рускиот фонд за директни инвестиции (РФДИ), исто така коментираше за видеото. „Дали оваа снимка е создадена со вештачка интелигенција или е вистинска? Ако е вистинска гледаме ли шеќер или нешто сосема друго? Ако е нешто друго, тогаш многу работи стануваат појасни“, напиша тој на X.
Дезинформацијата околу наводното консумирање дрога, која не е првпат руски официјални лица да ја шират, доаѓа во рамки на пошироки обиди на Кремљ да предизвика раздор меѓу САД, Европа и Украина во однос на притисокот за прекин на огнот.
„Путин се обидува да ги манипулира тековните разговори за прекин на огнот и идниот мир во Украина, најверојатно во обид да го поткопа единството меѓу Украина, САД и Европа околу предлогот за 30-дневен прекин на огнот“, соопшти неделава невладината организација Институт за проучување на војната.
„Официјалните лица на Кремљ неодамна го интензивираа своето присуство во западните медиуми во обид директно да се обратат на администрацијата на Трамп и американската јавност, претставувајќи ги условите на Русија за капитулација на Украина како разумни“, додаваат ода таму.
Паралелно со тоа, Русија ги засили и прикриените обиди да го наруши угледот на западните лидери, особено Макрон, преку „проруски“ профили на социјалните мрежи, насочени кон поткопување на политичката доверба.
Во минатото, руски официјални лица, меѓу кои и Захарова, тврдеа дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е „нестабилен зависник од кокаин“, а Захарова исто така изнесувала тврдења дека употребата на дрога е честа појава меѓу европските лидери.