
(Фото) Празникот Голема Богородица ја „испразни“ Атина – останаа само туристите
Празникот Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица што денеска се празнува во Грција, а поради големата духовна, но и семејна тежина, Грците го нарекуваат и „Летен Велигден“, традиционално, како и секоја година „ја испразни“ Атина, а во грчката престолнина единствено останаа туристите, јави дописничката на МИА од Атина.
Празникот Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица што денеска се празнува во Грција, а поради големата духовна, но и семејна тежина, Грците го нарекуваат и „Летен Велигден“, традиционално, како и секоја година „ја испразни“ Атина, а во грчката престолнина единствено останаа туристите, јави дописничката на МИА од Атина.
Грците, 15 август што е еден од најголемите православни празници, го поминуваат далеку од урбаните средини – на туристичките места низ целата земја, во нивните села, на островите, а „центарот“ денеска е островот Тинос, поради обичајот верниците со лазење да стигнат до црквата на Богородица.
Грчката метропола потсетува на периодот со карантините за време на пандемијата на Ковид-19 – мал број возила по улиците, затворени продавници (со оглед на тоа што е неработен ден), затворени кафулиња и ресторани (освен оние на туристичките локации), а единственото поразлично од карантините е присуството на туристите.
-Знаеме дека денеска е празник и неработен ден и тоа воопшто не ни пречи, постои некои убав мир во градот. Прекрасно е, велат американски туристи кои во Атина се два дена, а потоа нивниот одмор ќе го продолжат на неколку грчки острови.
Просторот пред грчкиот Парламентот, односно делот кај споменикот на „Незнајниот војник“ е полн со туристи кои уживаат и се фотографираат со војниците од претседателската гарда.
Туристите воедно се и речиси единствените и претежно во центарот на градот и на туристичките атракции, а со секое оддалечување од центарот, има се помалку и помалку луѓе.
Грците, најчесто летниот одмор го планираат во периодот околу денешниот празник, па затоа доста често, деновите пред и по 15 август многу мали бизниси, кафулиња, ресторани, таверни, ноќни клубови, одлучуваат да затворат со колективни одмори.
Верниците денеска ги посетуваат црквите и манастирите, а особени популарни се црквите на островите Тинос, Парос, Кефалонија, Патмос, Скијатос, Тасос, Лезбос, Карпатос итн., каде што има карактеристични обичаи за денешниот ден.
Најголемото поклонение денеска е на островот Тинос во црквата на Богородица изградена во 19 век, каде што верниците најчесто со лазење пристигнуваат дури и од пристаништето оддалечено на околу 800 метри, за да се поклонат пред Пресвета Богородица.
Парос и „островот на православието“ Патмос се исто така популарни дестинации, додека пак на Кефалонија, во близина на селото Маркопуло, се верува дека секоја година на 15 август, на куполата на црквата се појавуваат мали, безопасни змии, кои како што пишуваат медиумите во Грција, според легендата, тоа се монахињите од стар манастир што постоел во областа, кои, за да не паднат во рацете на пирати, ја молеле Богородица да ги претвори во змии.
Во вечерните часови, на многу грчки острови се организираат т.н. панаѓури, односно прослави на отворено со традиционална грчка народна музика.
Мицотакис: Да чекориме пред сè со единство
Денешниот празник, грчките политичари најчесто го поврзуваат и со нивните одмори и го поминуваат на некој од островите.
Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис е на островот Крит во градот Ханија, од каде што е неговото потекло, додека пак претседателот Константинос Тасулас е на островот Парос.
Мицотакис утрово присуствуваше на литургија во манастирот Свети Јован Крстител, по што им го честиташе празникот на Грците и порача дека „црпиме сила од нашата Богородица, за да се соочиме и со личните и со колективните тешкотии“, посочувајќи дека денешниот ден „секогаш е ден на радост, единство и самодоверба“.
– Денешниот ден е посветен, пред сè на сите оние што секојдневно се борат за нашата безбедност: припадниците на вооружените сили, но и на борците од противпожарната служба, на волонтерите, на сите оние што секојдневно водат тешката и честопати нерамноправна битка со климатската криза. Денес не е ден за политички изјави. Она што јас го посакувам е секогаш да можеме да ја наоѓаме онаа сила да чекориме пред сè со единство, порача Мицотакис.
Претседателот на Грција Константинос Тасулас, од островот Парос, по свечената литургија на која присуствуваше исто така се осврна на сите оние кои учествуваа во гаснењето на пожарите.
-Со оглед на тоа што ја споменав Богородица, како сила на охрабрување, заштита и поддршка, во овие моменти, да се осврнам и да ја изразам мојата благодарност во име на државата, за мажите и жените од противпожарната служба, за грчката полиција, крајбрежната служба, за вооружените сили, итната помош, локалната самоуправа, волонтерите, кои со своите неуморни и честопати натчовечки напори се соочуваат со жестоките и деструктивни пожари, истакна грчкиот претседател.