(Фото) Паднати и испукани столбови, 14 мостови се ризик за граѓаните: Од ЦУК апелираат за претпазливост

Првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов побара од надлежните институции веднаш да започнат со обезбедување и санација на мостовите, бидејќи постои реална можност некои од нив да се срушат, а бидејќи голем дел од нив се користат секојдневно од граѓаните, постои опасност и по животот на овие луѓе, пренесе 360 степени.

Најкритичен мост кој само што не паднал е мостот кај Пчиња за кој Ангелов реагираше уште пред еден месец. Еден од столбовите кои би требало да го држи мостот е речиси целосно уништен, а ризик фактор кај овој мост е што по него секојдневно се движат жителите на околните села – дел од нив пеш, дел пак со автомобили, што дополнително влијае врз стабилноста на овој мост.

“Стапивме во комуникација со градоначалникот од Куманово, веднаш ангажира стручни лица и го извести МВР. Ангажира експерт од Институтот за сеизмички градби и климатски промени. Мостот мора да се санира или да се руши и изгради нов е мислењето на Институтот. Сè додека не се преземат мерки за санација мостот е ризичен и треба да се забрани за користење”, рече Ангелов.

Ангелов во своето обраќање како проблематичен го посочи и мостот кај село Ланце, бидејќи на еден од столбовите е видлива вертикална пукнатина која се одразува врз стабилноста на мостот, а и тука како и кај мостот на Пчиња, дополнителен ризик е тоа што селаните секојдневно преку мостот поминуваат со трактори и автомобили.

Директорот на ЦУК констатираше дека мостот Око во центарот на Скопје е стабилен, но проблем е што дел од стаклата се напукнати, најверојатно како резултат на вандализам. Иако тие го известиле Градот Скопје за искршените стакла, од таму добиле уверувања дека стаклата се безбедни и дека се работи на нивна замена. Иако од Град Скопје рекче дека е безбеден, сепак Ангелов им препорача на граѓаните да не газат по пукнатините.

“Ни рекоа дека работат на нивна замена. Не е лошо граѓаните да не газат по пукнатините иако од Градот укажуваат дека нема да се скршат“, вели Ангелов.

Покрај овие, небезбедни се и уште десетина други мостови ширум земјата, но Ангелов вели дека не сите општини имаат доволно финансиски средства за да ги санираат штетите. Како најризични покрај споменатите три, Ангелов ги посочи мостовите кај Визбегово, во струмичкото село Секирник, како и три мостови на Крива река.