(Фото) Горан Минчев бара вонреден инспециски надзор во ЈП „Пиша“

Според огласот, критериумите за вработување вклучуваат етничка припадност, се подвлекува, што е во спротивност со Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за работните односи и Правилникот за задолжителните елементи на јавните огласи.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев, како физичко лице, граѓанин, по допрен глас, поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд, барајќи вонреден инспекциски надзор во Јавното комунално претпријатие „Пиша“ од село Липково.

Во претставката, соопштија денеска од Министерството за јавна администрација, Минчев укажува на сериозни неправилности во објавениот јавен оглас број 03-204/3, со кој се бараат четири нови вработувања на неопределено време.

Според огласот, критериумите за вработување вклучуваат етничка припадност, се подвлекува, што е во спротивност со Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за работните односи и Правилникот за задолжителните елементи на јавните огласи.

– Ова е директно нарушување на принципите на еднаквост и недискриминација. Законот е јасен – вработувањата во јавниот сектор треба да се базираат на квалификации, компетенции и транспарентност, а не на етничка или друга дискриминаторска основа,  истакнува Минчев.

Како министер, но и како граѓанин, се укажува во соопштението, Минчев посочи дека ваквите случаи ја нарушуваат довербата во институциите и ги охрабрува граѓаните да се борат за почитување на своите права.

– Должни сме да изградиме праведен систем кој функционира подеднакво за сите. Политичката волја за почитување на законите мора да биде основен принцип на секоја јавна институција. Само така можеме да создадеме силна и правична држава, нагласува Минчев.

Претставката до Државниот инспекторат за труд е поднесена со цел да се утврди дали во конкретниот случај постојат основи за прекршување на законите. Минчев повика инспекторатот да спроведе темелна истрага и да информира за преземените мерки.