На денешен ден во 1963 година, скопјани ги разбуди најголемата природна катастрофа што го снашла градот. По тој повод, денеска во Собранието се одржа седница посветена на 60-годишнината од скопската катастрофа, а многубројни делегации оддадоа почит кон загинатите пред пред споменикот на жртвите од земјотресот на Градските гробишта во Бутел. Денот ќе се одбележи и со низа културни настани.
26 јули ќе остане вечно врежан во нашата колективна меморија, кога во 5:17 разорниот земјотрес го погоди и го срамни со земја нашиот главен град, оставајќи многубројни жртви и последици. Од една од најголемите трагедии кои ги доживува, градот со помош од целиот свет успева да се издигне повторно. Градот убав повторно никна, рече премиерот Димитар Ковачевски на собраниската седница посветена на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што во 1963 година го погоди Скопје.
Во своето обраќање од собраниската говорница, Ковачевски кажа дека епитетот „град на солидарноста“ која Скопје ја носи со себе од периодот по земјотресот, не е само фраза, туку е, како што кажа, кодот на Скопје. Оваа солидарност, рече премиерот, никогаш нема да ја заборавиме и затоа денес ја покажуваме на дело.
„Ја покажавме и сега, кога нашиот сосед Грција се бори со огнените јазици, на кои, исто така, им понудивме помош како што го практикувавме и претходни години кога помош беше потребна во справување со пожарите кај нашиот јужен сосед“, рече Ковачевски во обраќањето.
Обраќање од собраниската говорница имаше и спикерот Талат Џафери. Во периодот на обновата на Скопје, рече тој, не било важно кој на која нација ѝ припаѓа, која политичка идеологија ја следи и на кој бог му се моли.
Затоа, додаде претседателот на Собранието, е важно да се одбележи денешниот ден, кој треба да биде водилка низ нашето созревање како држава.
„Успеавме, затоа што бевме заедно! И, ќе продолжиме да бидеме и понатака градот на солидарноста, градот кој што никна од пепелта и стана споменик на хуманоста! Да не се повтори никогаш! За многу среќни моменти во нашето убаво Скопје!“, кажа Џафери.
По повод 60-годишнината од скопската катастрофа, денеска пред споменикот на жртвите од земјотресот на Градските гробишта во Бутел почит кон загинатите оддадоа шефот на државата Стево Пендаровски, скопската градоначалничка Данела Арсовска, владина и делегација на Собранието, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во земјава.
Со проектот „Скопје во пет и седумнаесет“, Министерството за култура ја одбележува шеесетгодишнината од скопскиот земјотрес. Во програмата се предвидени повеќе настани на неколку локации низ главниот град, а почна синоќа во паркот „Ибни Пајко“ со концерт со македонски евергрин композиции и стихови посветени на Скопје.
На денешен ден – 26 јули во 1963, скопјани го разбуди најголемата природна катастрофа што го снашла градот. Во 5:17 часот се затресе земјата под Скопје со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала.