Форбс ги одреди 100-те најмоќни жени во светот

Американскиот бизнис магазин Forbes ја објави својата најнова листа на Топ 100 најмоќни и највлијателни жени во светот за 2023 година.

Листата била создадена врз основа на четири главни критериуми: пари, медиуми, импакт и сфери на влијание. За политичките лидери, била земена во предвид големината на нивните соодветни држави и бруто-домашниот производ на тие држави. Во однос на жените од корпоративниот сектор, биле земени во предвид приходите, проценетата вредност и бројот на вработени во соодветните компании. За сите кандидатки, исто така бил земен во предвид бројот на медиумски споменувања и социјалниот досег на нивните објави.

Првите четири места на листата ги држат жени од сферата на политиката.

На врвот, како најмоќна жена за 2023 година, се наоѓа претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен (65). По неа следува Кристин Лагард (67), која ја врши функцијата претседателка на Европската централна банка. На третото место е потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис (59), додека пак зад неа доаѓа премиерката на Италија, Џорџа Мелони (46).

На петтото место се наоѓа американската поп-пејачка Тејлор Свифт (33), која неодамна беше прогласена и за „Личност на годината“ според магазинот TIME. Шестото место е резервирано за американската бизнисменка Керен Линч (59), претседателка и генерална извршна директорка на CVS Health.

На седмото и осмото место се наоѓаат жени од финансискиот сектор, и тоа генералната извршна директорка на американската банка Citigroup, Џејн Фрејзер (56), и генералната извршна директорка на американската инвестициска компанија Fidelity Investments, Абигејл Џонсон (61).

Деветта најмоќна жена во светот е генералната извршна директорка на американскиата автомобилска компанија General Motors, Мери Бара (61). Најмоќната „десеттка“ ја комплетира Мелинда Френч Гејтс (59), претседателка на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс.

Најмоќна жена од Балканот, сместена на 12. место на листата, е бугарката Кристалина Георгиева (70), која моментално ја извршува функцијата управен директор на Меѓународниот монетарен фонд.

На 29. место се наоѓа Фиби Новаковиќ (66), американка со српско потекло, која ја извршува функцијата генерален извршен директор на производителот на воена опрема General Dynamics. На 77. место се наоѓа турчинката Ѓулер Сабанџи (68), претседателка на индустрискиот и финансиски конгломерат Sabanci Holding.