Урсула фон дер Лајен – претседателката на ЕК во интервју за „Еуроњуз“ вели дека Европската Унија сака да ја види Украина со нив и тоа ќе се случи со тек на време.
„Имаме процес со Украина кој е, на пример, интегрирање на украинскиот пазар во единствениот пазар. Имаме многу блиска соработка на енергетската мрежа. Толку многу теми каде што работиме многу тесно заедно и навистина со тек на време, тие ни припаѓаат нам. Тие се едни од нас и ние ги сакаме“ – изјави Фон Дер Лејен.
Таа нагласи дека ЕУ има исклучително силна солидарност со Украина.
„Ако ги погледнете бегалците кои се прифатени во Европската Унија, финансиската поддршка и сега снабдувањето со воена опрема, сето ова покажува длабока солидарност со Украина. Тие ги споделуваат нашите вредности. Тие ги бранат нашите принципи. Украинците сакаат да живеат во мирна демократија, а Русија ги напаѓа. Затоа тие ја заслужуваат нашата целосна солидарност и ја имаат“ – рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека Европската Унија воведе серија остри финансиски и економски санкции против Русија, зелено светло за испорака на оружје за Украина и ги забрани руските пропагандни канали „Русија денес“ и „Спутник“.