Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја започнува четиридневна посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки утре ќе престојува во Скопје.
Како што соопшти Еврокомисијата, за време на турнејата Фон дер Лајен ќе се сретне со лидерите на шесте земји регионот со кои ќе разговара за нивниот пат кон ЕУ, како и за имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан.
Посетата на регионот претседателката на ЕК ќе ја почне од Тирана, каде денеска ќе има средба со албанскиот премиер Еди Рама и ќе се обрати на свеченоста по повод стартот на академската година на тиранскиот Колеџ на Европа. Утре претпладне, пак, Фон дер Лајен ќе се сретне со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Од Тирана, Фон дер Лајен ќе допатува во Скопје на средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.
Утре попладне претседателката на Еврокомисијата од Скопје ќе отапува за босанскиот град Јабланица, каде ќе ги посети подрачјата што неодамна беа погодени од поплави. В петок претпладне Фон дер Лајен во Сараево ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и со претседавачката на Советот на министри, Борјана Кришто.
Од Сараево в петок Фон дер Лајен ќе замине за Белград на средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерот Милош Вучевиќ.
В сабота таа ќе престојува во Приштина, каде ќе се сретне со косовската претседателка Вјоса Османи и со премиерот Албин Курти, по што ќе замине за Подгорица на средби со шефот на црногорската држава Јаков Милатовиќ и со премиерот Милојко Спајиќ.
Овонеделната посета на Фон дер Лајен доаѓа по онаа од пред година кога во регионот го промовираше Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан. Во меѓу време таа во неколку наврати имаше средби со лидерите од земјите од регионот, од кои последните се одржаа минатата недела на Самитот на Берлинскиот процес во Берлин и на Бледскиот стратешки форум на почетокот на септември.
На овие средби Фон дер Лајен го истакнуваше значењето на регионот за Европската Унија и на посветеноста на блокот за поддршка на земјите од Западниот Балкан во спроведувањето на реформите и трасирањето на патот кон членство во Унијата.
Милена Михајловиќ, коосновач на тинк-тенкот Центар за европски политики (ЦЕП) од Белград, во интервју за Дојче Веле го фали пактот за раст како прв конкретен пример за постепениот пристап на интеграција развиен во 2022 година. Според неа, ќе следат и други примери, на пример во делот на институционалната соработка. Михајловиќ очекува претседателката на ЕК да се заложи за решавање на регионалните спорови, на пример во дијалогот Белград-Приштина меѓу Србија и Косово, во кој посредува ЕУ. Напредокот во оваа област е основен предуслов за исплата на средствата од ЕУ.
Минатата недела, Комисијата соопшти дека пет од шесте реформски агенди – сите со исклучок на Босна Херцеговина – веќе биле одобрени од земјите-членки. Сега Комисијата ќе го усвои ова формално и брзо. Ако една држава сака да профитира од средствата од планот за раст, мора и да склучува и имплементира договори за заеми. Според Урсула фон дер Лајен, тоа би требало да се оствари до крајот на оваа година.
Нови геостратешки приоритети
Брисел, особено по почетокот на руската агресивна војна во Украина, смета дека е геостратешки важно во ЕУ да бидат примени државите од Западен Балкан. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во говорот во Блед, Словенија, во септември рече: „Во време на геостратешки ривалства, поголемата Европска унија ни дава посилен глас во светот“.
Сепак, тоа не им дава на земјите „слободна пропусница“, нагласува експертот за Западен Балкан, Чернева, дури и ако многу влади во регионот сметаат дека веќе не мора да прават такви напори поради геополитичката ситуација. Фон дер Лејен веројатно ќе го каже тоа јасно на своето патување.
Сега државите од Западен Балкан треба да покажат дека можат да напредуваат, нагласува аналитичарката Михајловиќ. И тие би морале да одговорат на позитивните сигнали од ЕУ. ЕУ, од своја страна, треба да се обиде да ги распрсне сомнежите дека – и покрај поинаквите гаранции и програми – не е навистина сериозна во врска со изгледите за пристапување.