Фон дер Лајен денеска во Атина на конгрес на Нова демократија

Актуелната претседателка на Европската комисија и главната кандидатката на Европската народна партија (ЕПП) за истата позиција, Урсула фон дер Лајен, денеска во Атина ќе присуствува на 15. Конгрес на Нова демократија и ќе им се обрати на делегатите.

Како што соопштија од ЕПП, денешниот настан ќе го означи и почетокот на кампања на Фон дер Лајен за европските избори во јуни.

Денеска, на последниот ден од Конгресот што почна во петокот, освен претседателката на ЕК, на делегатите ќе им се обрати и претседателот на Република Кипар, Никос Христодулидис, како и грчкиот премиер и претседател на Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, но и генералниот секретар на ЕПП, Танасис Баколас.

Конгресот на Нова демократија оваа година е и јубилеен со оглед на тоа што партијата одбележува 50 години од формирањето.