Фон дер Лајен во Тирана: 80 милиони евра во јануари за албанската Влада за справување со енергетската криза

Итна буџетска помош од 80 милиони евра во јануари ќе бидат достапни за албанската Влада за справувањето со енергетската криза, изјави во Тирана претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајаен на заедничката прес-конференцијата со албанскиот премиер Еди Рама.

-Одлучивме дека единствениот одговор до кој можеме да дојдеме е преку единство и солидарност. Ние сме дел од енергетска унија и затоа предлагаме пакет за поддршка на енергијата во Западен Балкан за да помогнеме во ублажувањето на високите цени на енергијата за бизнисите, семејствата и граѓаните. Станува збор за грант од 80 милиони евра, што ќе дојде во јануари. Вториот дел од поддршката ќе биде на среден и на долг рок. Станува збор за 500 милиони евра грантови за инвестирање во енергетската инфраструктура низ целиот регион, рече таа.

Според неа отворањето на преговорите со ЕУ е успех за Албанија.

-Последен пат дојдов овде во јули кога ги почнавте преговорите со ЕУ. Навистина ми беше мило што бев со вас во тој момент. Но, да го повторам она што го кажав тогаш: ова е ваш успех, тоа е резултат на долгогодишно трпение. Вие задржавте многу силен фокус на процесот на интеграција и тоа доведе до преговори, ја покажавте вашата посветеност на вредностите на ЕУ и вашиот одговор на Русија за војната во Украина. Ви благодариме што го одржувате меѓународниот поредок во согласност со правилата на ЕУ. Албанија оди напред на својот пат кон ЕУ, посочи Фон дер Лајен.

Откако и се заблагодари за поддршката и во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес во ноемри 2019 година, Рама рече дека покрај другото со високата претставнчка на ЕК, разговарале и околу самитот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан што ќе се одржи во Тирана на 6 декември.

-Денешната средба има посебна вредност. Разговаравме и за 6 декември, за Самитот на ЕУ со Западен Балкан. Европските и балканските лидери ќе дојдат во Тирана на овој самит. Претседателката Фон дер Лајен ме информираше за финансиската состојба во услови на војната во Украина, чии последици се чувствуваат низ ЕУ. Особено во инфлацијата и цената на енергијата. Ја информирав за нашата решеност да поддржуваме семејства и мали бизниси. Иако и нас нè погоди војната во Украина, не ја зголемивме цената на стрјата, додаде Рама.

Инаку, Рама ја пречека високата гостинка со сите државнички почести на аеродромот „Мајка Тереза“ во Тирана, по што двете делегации имаа средба а го посетија и градилиштето за реконструкција на железничката пруга Тирана-Драч што се реализира со кофинансирање од ЕУ.

Рама, на прес-конференцијата најави дека овој значаен проект ќе биде финализиран во пролет 2024 година. Претседаелката на ЕК, ќе се сретне и со шефот на државата Бајрам Бегај.