Фон дер Лајен во среда во Скопје

Војната во Украина и енергетската криза ја носат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Балканот со порака дека овој регион е важен за Европската унија. Шефицата на Европската Комисија својата турнеја во среда ја започнува токму од Македонија, од каде ќе ги испрати првите пораки за посветеноста на ЕУ за европската интеграција на земјите од Западен Балкан и солидарноста во справувањето со енергетската криза.

-Оваа посета се разбира се одвива во посебен контекст, кој е контекст на последователни кризи, прво ковид, а сега војната во Украина и нејзините последици, најави портпаролот на Комисијата, Ерик Мамер.

Како што и самата најави минатата недела од Стразбур еден дел од помошта во областа на енергетската криза ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување на енергенси со земјите од ЕУ. Оваа платформа има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.

-Пораката е солидарноста на ЕУ со регионот, ангажман преку програми кои имаат за цел да се поттикнат инвестиции и волја да се продолжи да се соработува со целиот регион, рече Мамер.

Во однос на барањето на Македонија да добие помош од Европската Унија за набавка на струја од Бугарија преку компензација на пазарната цена, портпаролот изјави дека засега нема информации на оваа тема.

По средбите во Скопје, фон дер Лајен ќе отпатува во Приштина и Тирана во четврток, Сараево и Белград во петок и Подгорица во сабота. Во Србија се очекува неизбежно претседателката да го повтори барањето на ЕУ Белград да усвои санкции против Русија, а по средбите во среда ќе се знае дали со нејзината “булдужер дипломатија” ќе има нови барања и од Македонија, ако се земе предвид дека фон дер Лајен беше во Македонија и во јули годинава кога не убедуваше дека земјава треба да го промени Уставот, да го прифати т.н. француски предлог, кој го почитувал македонскиот јазик и идентитет и дека билатералните и историските прашања нема да бидат дел од преговорите.