Урсула фон дер Лајен – претседателката на Европската комисија денеска е во посета на Бугарија. Таа ќе ја потврди поддршката на ЕК за планот за закрепнување и одржливост на Бугарија.
Планирано е да оствари средби со премиерот на Бугарија Кирил Петков и членови на Владата, како и со претставници на политичките партии од владејачката коалиција.
Програмата на Фон дер Лајен вклучува посета на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, кој е еден од примателите според Планот. При посетата на најстариот бугарски универзитет, Урсула фон дер Лајен ќе се запознае со проекти на иновативни компании.
Бугарскиот план за закрепнување и одржливост беше поднесен на 15 октомври 2021 година. Основните промени во енергетскиот сектор вклучуваат мерки за забрзување на изградбата на нови евтини обновливи извори и складирање на евтина енергија за употреба во најоптоварените часови, како и за намалување на емисиите од производство на електрична енергија. Ажурираниот план на Бугарија не содржи проекти за изградба на гасни централи, цевководи и обврски за затворање на електрани на јаглен во наредните години.