
Денешното обраќање на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен предизвика големо внимание бидејќи е последно годишно обраќање во Стразбур. Таа најави серија политички реформи со кои ќе се обезбеди нормално функционирање на ЕУ со нови членки.
„Сакам народите на Западниот Балкан, Украина, Молдавија и Грузија да знаат: Вие сте дел од нашето семејство, вашата иднина е во Унијата, и Унијата не е целосна без вас!“, рече Фон дер Лајен.
Дури и со 27 членки, ЕУ веќе подолго време се соочува со функционални проблеми, особено при донесувањето едногласни одлуки во надворешната политика но и во други сфери. Притоа, земји како Унгарија и Полска се под постојани критики од Брисел поради демократското назадување и нивните блокади на демократските и миграциските правила и одлуки.
Фон дер Лајен инсистира дека влезот во ЕУ треба да биде врз основа на заслуги, односно клучен критериум за членство ќе биде напредокот на земјите-кандидати во однос на правилата и стандардите на ЕУ, а не временските рокови.