
„Фокус“ дознава: В петок стартува работната група за изборниот законик – дали ќе се оди на сосема ново законско решение?
Конечно треба да стартува работната група која ќе работи на изборната регулатива. За в петок, според информации на „Фокус“ е најавена конститутивната седница на ова работно тело кое треба да ги усогласи новите изборни „правила на игра“.
Конечно треба да стартува работната група која ќе работи на изборната регулатива. За в петок, според информации на „Фокус“ е најавена конститутивната седница на ова работно тело кое треба да ги усогласи новите изборни „правила на игра“.
Првата седница ја свикува министерот за правда Игор Филков, по што членовите на работното тело треба да се определат динамика и темпо на работа. На тој начин треба да се операционализира она што веќе е договорено меѓу политичките партии, а и премиерот Христилјан Мицкоски веднаш по последната лидерска средба најави дека очекува до средината на годинава да се донесат новите законски одредби кои ќе важат за изборните процеси.
Откако се усогласи составот на работната група од партиите застапени во Парламентот, се чекаше да се закаже конституирањето. Во Работната група, според дописот што Собранието го достави до Министерството за Правда, како претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат пратениците Антонијо Милошоски и Иванка Василевска, од ЗНАМ – Павле Арсоски и Даниел Стојчевски, а од Вреди, Саранда Имери и Зеќирија Таири.
Од опозициската СДСМ во работното тело за Изборниот законик ќе учествуваат координаторот Оливер Спасовски и Јована Тренчевска, од ДУИ Арта Биљали Зендели и Блерим Беџети, а од Левица Борислав Крмов и Реџеп Исмаил. Од крилото на Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села, претставници ќе бидат пратениците Илире Даути и Елми Азири, а од крилото на Арбен Таравари пратениците Ријад Шаќири и Халил Снопче, додека од Партијата на Турците пратеникот Бејџан Иљас.
Неизвесно е кој ќе биде претседател на работната група. Иинтерес да застане на чело на работното тело пројави претседателот на Собранието Африм Гаши, како што рече, за да се забрза работата, но не се исклучува на тоа место да биде избран и претставник од Министерството за правда. На последната средба на координаторите на пратеничките групи и на министерот за правда беше констатирано дека ако пратениците утврдат, ќе се менува повеќе од една третина од Изборниот законик. Во тој случај ќе треба да се изготви ново законско решение, а во спротивно ќе се менува постојното.
Веќе се расчистени дилемите кај најголемиот дел од политичките партии околу изборниот модел. По упорното инсистирање на помалите, и поголемите партии дадоа согласност да се промени од шест во една изборна единица. Дилеми има околу неопходниот цензус за влез во Парламентот. Се споменува праг од 3-5 отсто, иако дел од малите политички субјекти бараат да нема изборен праг, со цел да се даде шанса на што поголем број партии да имаат свои претставници во законодавниот дом.
Изборниот законик е дел и од Реформската агенда.