Флорида ги забранува социјалните мрежи за лица под 14 години

Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис денеска потпиша закон со кој на децата помлади од 14 години им се забранува пристап до социјалните мрежи и бара согласност од родителите за 14 и 15-годишни деца да ги користат овие платформи.

Освен тоа, законот налага да се укинат постоечките сметки на деца под 14 години, како и на деца на 14 и 15 години кои немаат родителска согласност, пренесе Ројтерс.

Претходно, ДеСантис стави вето на нацрт-законот со кој на сите деца помлади од 16 години ќе им се забрани користење на социјалните мрежи, додека во изменетата верзија, родителите на деца на возраст од 14 и 15 години може да дадат согласност за нивно користење на социјалните мрежи.