ФК Вардар остана без стручен штаб, тренерот Петрески си заминува од клупата на „црвено-црните“

Македонскиот фудбалски клуб Вардар по вчерашниот шокантен пораз од Воска Спорт со 1-3 на домашен тен, денеска останува и без стручен штаб.

Оставка си поднесе тренерот Горан Петрески, заедно со неговите помошници.

Петрески ја презема одговорноста за лошите резултати на „црвено-црните“ и реши да го напушти клубот по двата порази во низа.

„Јас и мојот стручен штаб ја преземаме одговорноста за двата порази во низа и од денес повеќе нема да ја извршуваме тренерската функција во клубот. За Вардар секогаш сум го давал целото свое срце, така беше и овој пат, жалам што сета таа љубов и посветеност не ги донесе посакуваните резултати“ – изјави Петрески.

Вардар по четири одиграни кола се наоѓа на делба на последната позиција во Првата македонска лига, има само три освоени бодови.