
Фич го намали кредитниот рејтинг на Франција
Фич го објасни намалениот рејтинг на француските долгови, од „AA-“ на „A+“, поради високиот јавен долг со тренд на раст и ограничените перспективи за економски реформи поради политичката поларизација и нестабилност.
Меѓународната рејтинг агенција Фич го намали кредитниот рејтинг на Франција, предупредувајќи дека политичката нестабилност го стеснува просторот за маневрирање за намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.
Фич го објасни намалениот рејтинг на француските долгови, од „AA-“ на „A+“, поради високиот јавен долг со тренд на раст и ограничените перспективи за економски реформи поради политичката поларизација и нестабилност.
Франција смени три влади од средината на минатата година, што ја истакнува политичката нестабилност, забележа рејтинг агенцијата.
Пред една недела, парламентот му изгласа недоверба на премиерот Франсоа Бајру, кој беше на функцијата помалку од девет месеци, а претседателот Емануел Макрон го назначи Себастијан Лекорну да раководи со малцинска влада.
Францускиот јавен долг изразен како удел во БДП е 114 проценти и е меѓу највисоките во ЕУ, по Грција и Италија.
Дефицитот во францускиот буџет во меѓувреме достигна 5,8 проценти од БДП и е речиси двојно поголем од горната пропишана граница во ЕУ.
Во јули минатата година, поради прекумерниот буџетски дефицит, ЕК покрена редовна постапка која на крајот треба да го намали во дозволените граници.
Со приближно 3,3 трилиони евра јавен долг, Франција е на самиот врв во Европската Унија по задолженост.
Фич проценува дека францускиот буџетски дефицит ќе биде над пет проценти од БДП и во 2026 и во 2027 година.
До 2027 година, според нивните пресметки, јавниот долг треба да го надмине БДП за 21 процент.
Просторот за маневрирање за фискална консолидација дополнително ќе ги ограничи подготовките за претседателските избори во 2027 година, наведува Фич, со проценка дека „политичката блокада“ нема да се реши дури ни по изборите.