ФИФА планира мундијалот во 2030-та да е на три континенти и пак во зима

Светското првенство ќе се одржи во Катар и за првпат по 92 години од основањето на мундијалите ќе се игра во зимските месеци – ноември и декември.

Како што дознава британски „Тајмс“, Саудиска Арабија е подготвена да аплицира за организација на СП во 2030 година, во заедничка понуда со Египет и Грција!

Ваквиот турнир уште еднаш би го преселил најважниот фудбалски турнир кон крајот на годината, поради високите температури во споменатите земји во текот на летните месеци.

„Тајмс“ наведува дека официјалната кандидатура се очекува во наредните недели, а предводник во оваа кандидатура би била Саудиска Арабија.

Тие би придонеле и за инфраструктурните трошоци што би требало да ги платат Грција и Египет, а оваа кандидатура би можела да има посебен „џокер во ракавот“.

Александар Чеферин неодамна изјави дека УЕФА ќе направи се за да го врати Светското првенство во Европа, па Шпанија и Португалија заедно да ја освојат организацијата.

Но, има и други силни кандидати, како Јужна Америка, каде што Уругвај, Аргентина, Чиле и Парагвај сакаат да го вратат Светското првенство на тој континент на 100-годишнината од првиот турнир во Монтевидео.

Домаќинот на Светското првенство во 2030 година треба да биде избран најдоцна на Конгресот на ФИФА во 2024 година.