ФИТР објаснува како Македонија се искачи за 12 места на Глобалниот иновациски индекс за 2023 година
Скок за 12 места на Глобалниот иновациски индекс за 2023 година на Република Северна Македонија според податоците кои ги објави Светската организација за интелектуална сопственост. Нашата земја се наоѓа на 54-та позиција, во споредба со 66-то место во 2022 година, а 9-та на листата со најиновативни економии во групата на земји со високо-средни примања.
За успехот кој го постигна земјата во полето на иновации минатата година од Фондот за иновации и технолошки развој потенцираат дека е потврда за заедничката посветеност кон поттикнување на иновациите и технолошкиот развој во земјата.
„Навистина нѐ радува фактот што Република Северна Македонија изминатата година покажа дека е земја која вложува во развој на иновативна економија и која има потенцијал да ги стигне глобалните економии. Домашните претприемачи стануваат сѐ повеќе свесни дека е неопходно постојано да се вложува во развој на нови технологии за да станат конкурентни тука, но и на глобалниот пазар. За овој резултат во голема мери се должи на успешно спроведените активности на Фондот за иновации и технолошки развој, па така, преку нашите инструменти и мерки за поддршка на домашните компании, успеавме да поттикнеме преку 1.100 компании да започнат со реализација на своите иновативни проекти, во кои Фондот има вложено преку 86 милиони евра, а самите компании имаат вложено преку 52 милиони евра во развој и напредок” изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Халили додаде дека Фондот интензивно работи во насока да обезбеди дополнителни канали за финансирање на иновативниот екосистем во државата. „Горди сме што оваа година, ФИТР ќе започне со спроведување на активностите во рамките на ИПА проектот „Green Business Facility”, во прва фаза со градење на капацитетите, подготовка на програми и политики во износ од 2 милиони ЕУР, а во втора фаза и објавување на грантова шема за поддршка на мали и средни претпријатија и нивните „зелени” идеи со вкупна вредност од 18 милиони евра” изјави Халили.
ФИТР успешно ја поднесе апликацијата кон Зелениот Климатски Фонд, како единствена акредитирана државна институција, што значи дека зелените инвестиции ќе бидат фокус на работа на ФИТР во наредниот период. Со успешното акредитирање од ЗКФ, државата ќе може директно да пристапи до ЗКФ фондовите, со целосна сопственост во процесот на климатско финансирање и негово подобро интегрирање со националните акциски планови за климатски промени.
Фондот ја доби и водечката улога во пилотирање на мерки за поддршка за истражување, развој и иновации во сите економии од Западен Балкан, во рамките на новиот европски проект „POLICY ANSWERS / Одговори за јавните политики – креирање, спроведување и поддршка на политиките за истражување и развој на Западен Балкан”, финансиран од програмата Хоризонт Европа на Европската Комисија со вкупен буџет од 5 милиони евра. Во 2022 година, Фондот започна со подготовка на пилот повик за Иновациски ваучери на ниво на Западен Балкан кој е предвидено да се отвори во текот на оваа година.
Гледано по фактори според кои се оценуваат економиите, Република Северна Македонија има најдобри оцени во развојот на иновациите во следните области: пазарна софистицираност, инфраструктура и научно и технолошко производство.