
Фирма под истрага го доби тендерот за изградба на универзитетот „Мајка Тереза“ за 40 милиони евра
Стентон Градба од Битола, е едно од правните лица кои од Основниот суд Прилеп добија забрана за учество во јавните набавки од 22 октомври, по истрагата на Управата за финансиска полиција и Обвинителството за работењето на прилепската болница.
Една од најголемите градежни компании во земјата, Стентон Градба од Битола го доби тендерот за изградба на универзитетски објект и партерно уредување за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје – прва фаза вреден 40,5 милиони евра.
На тендерот кој го распиша Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје и на кој критериум за доделување на договор беше најниска цена се јавија два понудувачи: Стентон Градба ДОО с. Долно Оризари, Битола и фирмата ИБО ПОД увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп, јавува Фокус.
Највисока добиена понуда била 2.141.386.293,54 денари, додека најниската била 2.108.154.381,05 денари, односно околи 500.000 евра. Проценета вредност на набавката со ДДВ 2.490.014.999,54 или 40,5 милиони евра.
Носител на набавката е Стентон Градба ДОО, а во групната понуда се уште економските оператори ДПТ Раде Кончар-Трансформатори и електронски постројки-ТЕП ДООЕЛ Скопје, Друштво за производство, инженеринг, трговија и консалтинг за течни и гасовити горива ЕНЕРГО СИСТЕМ Михајло и Зоран ДОО увоз-извоз Скопје и Друштво за производство, инженеринг, трговија и услуги МОНТИНГ ИНЖЕНЕРИНГ ДОО Битола.
Друштво за градежништво и трговија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт Струмица е подизведувач на Стентон во изградбата на универзитетската зграда.
Зградата ќе треба да се изгради во период од пет години, а договорот е склучен на 8 октомври 2025 година.
Инаку, Стентон Градба од Битола, е едно од правните лица кои од Основниот суд Прилеп добија забрана за учество во јавните набавки од 22 октомври, по истрагата на Управата за финансиска полиција и Обвинителството за работењето на прилепската болница.
Во врска со истрагата за злоупотреби во прилепската болница, Основниот суд Прилеп пред неколку дена потврди дека против седум фирми од повеќе градови е одредена забрана при постапки за јавни набавки, но решението не е правосилно.
Решението од прилепскиот суд е од 22 октомври, а се однесува на сите видови на постапки на јавни набавки, со тоа што не е правосилно.
„Стентон Градба“ е втора голема битолска компанија која доби ваков „третман“ од власта. Претходно „Марковски Компани“, позната по големите договори за ископ на јаглен за РЕК Битола, доби негативна референца да учествува во јавните набавки, а потоа сопственикот Борче Марковски беше уапсен и притворен за злоупотреби со тендер. „Стентон Градба“ има сопствеништво и во неколку градежни конзорциуми заедно со други компании.
Од „Стентон“ за „Фактор“ одговорија дека во случајот биле вовлечени како подизведувач во тендер со многу мала сума од својот дел од работата од само неколку десетина илјади денари и дека жалбата пред Кривичниот совет при Основен суд Прилеп е в тек.
Стентон Градба во мај веќе беше јавно прозвана од актуелната власт дека е компанија наменски формирана за добивање тендери. Гласноговорникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во период од 2019 до 2023 година, Стентон Градба добиле државни тендери од 66,5 милиони евра, што е за нецели 5 милиони евра помалку од вкупните приходи на друштвото за овој период, како и тоа дека поголемиот дел од остатокот се наплатени како подизведувачи на други фирми, исто така на тендери.
Сепак Стентон и во изминатиот период добивал големи тендери како за изградба на детска градинка во Битола, обезбедување градежен материјал за браната „Отиња“, ги реновираше операционите сали на клиниката „Мајка Тереза“, а доби и неколку поголеми тендери од општина Штип.
Централниот регистар исфрли и други фирми кои што се поврзани со истрагата со злоупотреби преку прилепската болница. Една од попознатите е Ибо Под Прилеп, која редовно добива тендери од стотици илјади евра за санации и реконструкции на објекти и подови низ земјата, но не успеа да го добие тендерот за изградба на унивррзитетската зграда „Мајка Тереза“ затоа што имаше повисока понуда токму од Стентон Градба.
Преземено од Фокус.мк
 
						