Министерот за надворешни работи Пека Хависто денес ја најави одлуката и е последната во серијата потези на земјата како директен одговор на руската инвазија на Украина. Зборувајќи за новинарите во Хелсинки, Хависто рече дека од 1 септември руските туристички визи ќе бидат намалени на само 10 отсто од бројот кој моментално се издава.
„Туристичките визи нема целосно да запрат, но нивниот број значително ќе се намали“, рече тој и истакна дека приоритет ќе имаат другите видови визи, за посета на роднини, контакти со семејство, работа, студирање.
Финска моментално обработува околу 1.000 руски апликации за виза дневно, според јавниот сервис Уле.
Министерот рече дека Финска, исто така, ќе размисли за формирање посебна категорија на хуманитарни визи, кои би можеле да им помогнат на новинарите или на работниците на невладините организации. Мал, но се поголем број членки на Европската унија (ЕУ) јавно повикаа на целосна забрана на руските туристи да ја посетуваат Европа како одговор на војната.
Најголемите членки на ЕУ, вклучително и Германија, досега се спротивставуваа на идејата, иако Чешка, која претседава со ЕУ, вети дека дополнително ќе разговара за ова прашање.
По децении придржување на неутрален, неврзан воен статус, Финска брзо го прифати членството во НАТО по инвазијата на 24 февруари. Финското јавно мислење се промени за само неколку месеци во корист на приклучување кон Алијансата. Шведска исто така тргна кон членство и во моментов 20 од 30 членки на НАТО го одобрија членството на двете земји.
„Не е во ред руските граѓани да можат да влегуваат во Европа, во шенген зоната, да бидат туристи… додека Русија убива луѓе во Украина. Тоа е погрешно“, рече премиерката Сана Марин на 15 август.