Финансиска поддршка од 80 милиони денари за микро и мали и средни компании, за занаетчии, за воведување на ХАЛАЛ и ИСО стандарди и проекти за развој на претприемништво
Министерството за економија и труд денеска објави пет јавни повици согласно Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија за 2024 година.
Како што објави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, за мерките согласно оваа Програма се одвоени вкупно 80.000.000 денари од Буџетот на Министерството за економија и труд.
Малите и средни компании од денеска може да аплицираат за пет мерки за да добијат финансиска поддршка за:
1.Јавен повик за за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија
2.Јавен повик за субневционирање на занаетчии
3.Јавен повик за за надоместување на дел од трошоците за сертификација на ХАЛАЛ систем на мали и средни претпријатија (МСП)
4.Јавен повик за за надоместување на дел од трошоците за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди на мали и средни претпријатија (МСП)
5.Јавен повик за за кофинансирање на проекти за развој и промоција на претприемништвото и занаетчиството, како и програмски активности на мрежите на бизнис ангели.
За јавниот повик за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија се предвидени 57.000.000 денари, а може да аплицираат компании кои вработуваат најмалку две лица, преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци направени за набавка на нови машини, но не повеќе од 350.000 денари по барател.
Може да аплицираат приватни, активни претпријатија со мнозински домашен капитал (над 50%), да не е покрената стечајна постапка за нив, да спаѓаат во категорија на микро, мали и средни компании, да бидат од преработувачката индустрија, да не работеле со загуба во 2023 година и да немаат долг кон државата. Меѓу условите се и да имаат најмалку двајца вработени на неопределено и да не биле субвенционирани по јавните повици од Министерството за економија во изминатите три години.
За Јавниот повик за субвенционирање на занаетчии предвидени се 6.500.000 денари, а ќе се субвенционирааат занаетчии и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари по барател, направени зa набавка на нови машини и/или алати и дизајн на нов производ.
Право на учество на јавниот повик имаат активни регистрирани занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, да не е отворена стечајна постапка за нив, да немаат долгови кон државата и вработените, да работеле најмалку една година пред објавување на јавниот повик и да немаат добиено финансиски средства по јавните повици на Министерството за економија во изминатите три години.
За јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на микро, мали и средни претпријатија за сертификација на ХАЛАЛ систем се предвидени вкупно 2.000.000 денари, а ќе се кофинансираат 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој апликант.
На овој јавен повик може да аплицираат сите компании кои спаѓаат во категоријата на микро, мали и средни претпријатија, од преработувачката индустрија, да не се во стечај, да работеле најмалку една година пред објава на јавниот повик, да не работеле со загуба во 2023 година, да немаат долг кон државата и вработените и да не добиле финансиска поддржка за истата намена.
За јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на микро, мали и средни претпријатија за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандарди предвидени се 2.000.000 денари, а ќе се кофинансираат 40 % од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари поединечно за секој апликант.
На овој јавен повик ќе може да аплицираат активни микро, мали и средни компании од преработувачката индустрија, кои немаат стечајна постапка, да работеле најмалку една година пред објава на јавниот повик, да не работеле со загуба во 2023 година, да немаат долг кон државата и вработените и да не добиле финансиска поддржка за истата намена.
За јавниот повик за кофинансирање на проекти за развој и промоција на претприемништвото и занаетчиството, како и програмски активности на мрежите на бизнис ангели предвидени се 8.000.000 денари.
За оваа мерка предвидено е кофинансирање на проекти на фондации и здруженија кои се однесуваат на нефинансиска поддршка за развој на претприемништвото и конкурентноста на мали и средни претпријатија преку кофинансирање на 70% од трошоците за реализација на проект, но не повеќе од 350.000 денари по апликант.
Области за кофинансирање:зелена економија; електронска трговија; пристап до финансии и алтернативни форми на финансирање; интернационализација; циркуларна економија;- дигитализација на процесите; вештачка интелигенција; промотивни активности на концептот за бизнис ангели и креирање на култура на социјално претприемништво.
На овој јавен повик може да аплицираат активни фондации и здружениjа, формирани за цели поврзани со развој, поддршка и промоција на претприемништвото и конкурентноста на МСП регистрирани според Законот за здруженија и фондации.