Филхармоничарите не и се извинуваат на министерката за култура, ниту на публиката

Музичарите од Филхармонијата не ѝ се извинуваат на јавноста, ниту на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како што побара таа вчера, туку велат, срдечно им се заблагодаруваат на јавноста и на публиката која ги поддржувала во нивната битка за новата институција Национален џез-оркестар да не биде сместена во објектот на Филхармонијата.

Со одлука на Владата Џез-оркестарот ќе добие свој траен простор, под објектот на Националната опера и балет (НОБ).

Инаку, кавгата меѓу Филхармонија и Министерството за култура трае три месеци, откако 108 вработени од оваа музичка институција на 31 март потпишаа петиција против одлуката на Владата и рекоа дека не сакаат да го делат објектот со колегите од Џез оркестарот, иако пола од новиот оркестар се вработени музичари во Филхармонијата.

Костадиновска-Стојчевска вчера кажа дека го исполнила нејзиното ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија.

„Сега, чесен епилог на сево ова е – извинувања кон јавноста и публиката од директорката и Управниот одбор кои свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини“ – кажа министерката.

Од Синдикатот на Филхармонија во денешното соопштение велат дека „единствена вистина на вчерашниот прес, беше само вашата констатација дека нашите протести не беа синдикални“.

„Се сложуваме, нашите протестите беа уметнички, а ги поддржаа и вработени кои не се членови на нашата синдикална организација, директорката на институцијата и Управниот одбор. За првпат во историјата на нашата институција на иста страна застанаа речиси сите вработени“, велат од Синдикатот.

Според Синдикатот, во моменти кога вработените во Филхармонија, но и нивната институција биле јавно нападнати од поединци на социјалните медиуми, кога биле оставени сами да се борат против штетната одлука која ја донесе Министерството за култура, искрената поддршка на луѓето од фелата им била нивниот столб, нивниот ветер во грб.