Филмските режисери и продуценти, вчера, остварија средба со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, во врска со барањето за повлекување на предлогот за „кратење на буџетот за филмска дејност во тековната 2023 и овозможување на користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата за филм“, по што посочија дека добиле уверување дека буџетските средства ќе им бидат вратени.
„Добивме уверување од министерката дека ќе ни бидат вратени буџетските средства, но не во декември, како што првично беше најавено, туку во согласност со предвидената динамика на реализација на филмските проекти. Се надеваме дека повеќе нема да има вакви паушални кратења на финансиски средства без претходни консултации со филмската фела и Агенцијата за филм, туку напротив, согласно со европските трендови, веруваме дека буџетот за филм ќе биде зголемен“, истакнаа филмаџиите.
Бидејќи во моментот ребалансот на буџетот е во собраниска процедура, со објаснување на новонастаната ситуација со филмските работници вчера на прес-конференција свое објаснување даде и министерката за култура.
„Во ниту еден момент буџетот на Агенцијата за филм не е скратен, ниту во овој предлог за прераспределба на средства, ниту по било кој друг основ… Она што им објаснив е дека имаат погрешни информации и се изманипулирани. Многу е неточно дека некој скратил или ги злоупотребил или дека ги замрзнал средствата на Агенцијата за филм. Напротив ова е после долго време распределба на средства во Собранието каде што Министерството за култура доби пари по одредени ставки по кои требаше да добие. Но, во ниту еден момент буџетот на Агенцијата не е допрен“, истакна меѓу другото министерката. Таа посочи и дека за секој филмски проект, кој е подготвен за реализација, за фаза снимање во која се трошат најголем дел од парите, и кој ја има комплетирано целокупната документација ќе бидат дообезбедени финансиски средства.
„Ниту еден проект не е загрозен, меѓутоа јас не можам да одговарам кога директорот и менаџментот на Агенцијата за филм ќе испрати план за исплата. Сè што е испратено во нашите сектори е навремено изработено и доаѓа на потпис кај министерот, кој веднаш потпишува и веднаш се реализира. Секој план е на време обработен и исплатен и тука застанува секој простор за манипулација. Сега во рамките и на проектот ‘Отворен Балкан’ имаме потпишано меморандум за соработка со земјите учеснички во кој треба допрва да учествуваме“, додаде министерката.
Според филмаџиите на вчерашната средба со министерката за култура била договорена и дополнителна средба за дефинирање на буџетот за филм за наредната година. Исто така станал збор и за останатите работи што ги засегаат филмаџиите, како статусот на филмските работници, нивно здравствено и социјално осигурување, но и за неопходноста за донесување за нов закон за филм според европски стандарди.