Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски со голема светска премиера во Јапонија

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски денеска имаше извонредна светска премиера во Токио. Пред преполна сала и пречекан со огромен аплауз, „Кајмак“ премиерно беше прикажан на 35. Меѓународен филмски фестивал во Токио. По проекцијата режисерот и актерките Сара Климоска и Ана Стојановска имаа топол и динамичен формален разговор со возбудената јапонска и меѓународна публика.

„Кајмак“ се прикажува во официјална конкуренција на овој фестивал од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложени 1.700 филмови од 107 земји, во официјална конкуренција влегоа само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак“.

Откако се распродадоа двете фестивалски проекции на „Кајмак“, организаторот додаде и трета проекција, предвидена за претпоследниот ден на фестивалот.

Организаторот му укажа исклучителна чест на Манчевски со тоа што го покани утре да одржи мастерклас за јапонските студенти и публика како единствен автор од западниот свет со мастерклас покрај претседателката на жирито, американската режисерка Џули Тејмур („Кралот лавов“ на Бродвеј, „Фрида“, „Бура“, „Титус“).

Манчевски ќе има формален разговор со публиката и по втората распродадена проекција на филмот, на 28 октомври.

ТИФФ се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак“ предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев.

По светската премиера во Токио, „Кајмак“ патува на филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, Тајван.

Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.