Новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар, драмата The Room Next Door, е победник на 81-то издание на Венецискиот филмски фестивал.
Оваа година жирито го претседаваше француската актерка Изабел Ипер, а заедно со неа жирито го сочинуваа филмаџиите Џејмс Греј, Ендрју Хеј, Агњешка Холанд, Клебер Мендонса Фиљо, Абдерахман Сисако, Џузепе Торнаторе, Јулија фон Хајнц и актерката Џанг Зији.
Според Variety, жирито вчера имало долга дискусија пред да ја донесе конечната одлука.
Иако медиумите и критичарите предвидуваа победа на воената драма „Бруталист“ во режија на Брејди Корбет, на церемонијата на затворање на фестивалот дојде до пресврт. Златниот лав му беше доделен на филмот на Алмодовар за евтаназијата, во кој главните улоги ги играат Тилда Свинтон и Џулијан Мур.
Заедно со Златниот лав, и The Room Next Door ги доби најдолгите овации на овогодинешниот фестивал.
Сребрениот лав, кој се доделува на најдобар режисер на долгометражен филм, го освои Брејди Корбет, режисер на драмата Бруталист, која го следи животот на еврејскиот архитект Лазл Тот (Адриен Броди) за време на Холокаустот.
Купот Volpi за најдобра актерка го освои Никол Кидман, која глумеше во еротскиот трилер Babygirl, додека Купот Volpi за најдобар актер го освои францускиот актер Винсент Линдон, ѕвезда на хорор филмот The Quiet Ones.